Вести Македонија Ударни вести

Пратениците се вратија на работа

Со разгледување на извештаите од 2016. на УБК и Агенцијата за разузнавање, а во присуство на првите луѓе на овие две установи Горан Николовски и Зоран Иванов –  Собраниската комисија за надзор на нивното работење  го почна првиот работен ден по одморите на пратениците. Комисијата заседаваше зад затворени врати поради строго доверливите информации а членовите на комисијата иако не ги усвојуваат извештаите сепак разменија мислења за нив  и гласаа.

По завршувањето на комисијата пратеничката од парламентарното мнозинство Фросина Ременски изјави дека гласале воздржано поради присуство на голем број политички формулации содржани во извештаите но и поради отсуство на некои информации за настаните од 27 април и дипломатскиот скандал со Србија.

„Ние не усвојуваме заклучок дали ги усвојуваме или не ги усвојуваме, нашите членови гласаа воздржано за извештаите, бидејќи сметаме дека извештаите не содржат  елементи кои што за пратениците се важни  за настани поврзани со 2016  година, бидејќи станува збор за информации од класифицирана информација Побаравме и дополнителни информации   од директорите на институциите по однос и на настаните од 27-ми оваа година, меѓутоа и со најновите случувања поврзани со српската амбасада“, вели Фросина Ременски – пратеник.

Пратениците од ВМРО ДПМНЕ пак по завршувањето на комисијата не дадоа изјава за медиумите но присуствуваа на неа. Познавачите на проблематиката пак укажуваа на тоа дека оваа комисија со досегашното нејзино постоење не функционираше во целост  и немаше целосен увид во работата во работата на овие две установи, а поранешниот директор на УБК Мијалков до сега се нема појавено на оваа комисија.

По речиси две недели одмор народните избраници  денеска се вратија на своите работни места. Одморот го почнаа на 18. август ден откако претходно беше разрешен Јавниот обвинител Зврлевски.

Веќе за на 4. септември е закажана и пленарната седница на која пратениците ќе дискутираат за огласувањето на Јавниот обвинител.

Сподели: