Правда мора да има, никој да не се крие зад пратеничкиот мандат, по судската одлука Груевски не e достоен да биде пратеник

Сподели

Македонија е правна држава во која законот важи за сите подеднакво и никој не е и не смее да биде над законите и над правдата без разлика на функцијата што ја извршува, порача генералниот секретар на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Кирацовски на денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Кирацовски посочи дека пратениците имаат должност да ги почитуваат и подобруваат, а не да ги прекршуваат или да бараат начини за нивно заобиколување.

„Оној за кој се докажало дека ги прекршил законите, несоодветно е да биде дел од законодавната власт, да носи и предлага закони и да одлучува за иднината на државата и нејзините граѓани. Затоа, како пратеник во ова Собрание, барам Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да донесе одлука за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Сметам дека со правосилноста на пресудата, со изготвениот Упатен акт за издржување казна затвор, Груевски е недостоен да ја врши пратеничката функција и е недостоен да ги застапува интересите на граѓаните.“ порача Кирацовски.

Во своето обраќање пратеникот и генерален секретар Кирацовски истакна дека никој не смее да се затскрива зад пратеничкиот мандат и посочи дека одземањето на мандатот на Груевски е порака до актуелните функционери да ги почитуваат законите, бидејќи никој нема да може да побегне од одговорност за сторените дела.