Колумна Текстови Топ теми

ПРЕД ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА! – Мерсел БИЉАЛИ

 

Со вакво водство на ВМРО, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно е да исчезне и ова сонце што го имаме. Џабе Заев троши сила да убеди лудаци да не ја рушат браната затоа што ќе создадат потоп, оти тие токму тоа и го посакуваат (Куманово е пример). Сигурно дека е сосема човечка идејата за помирување, но како да се помирите со непомирлив болен ум. Такво нешто за нив е непознато. Да имале елементарен здрав мозок, немаше да крадат астрономски тешки милјарди. Нивниот ум е ограничен на – вреќа пари, на уривање со динамит, на масовни прислушкувања, на шамари, притвори и затвори… И тоа знаат убаво да го намачкаат со патриотизам, ама сега во такво нешто не веруваат ниту тие нивни малубројни слични умови. Сега сите гледат дека не е можно да се гради иднина со тие, кои сиве овие 11 години само на ѓаволот му граделе куќа. И сега таквите профитери и јавачи на апокалипсата пишуваат полноќни романтични писма за наводен прогон, а самите го прогонија половината од населението за да најдат леб по туѓи домови. Внатре направија контејнерите да ни служат како народни кујни.

И сега од нив очекуваме рациналност! Па полесно е, и можно, да ни се случат кувајтски нафтени извори отколку рационалност кај Груевски, Иванов и Мицкоски. Вон власта и парите тие се чист бојкотирачки ум. Бојкотираат закони, бојкотираат Устав, бојкотираат ЕУ и НАТО, бојкотираат спас и напредок, бојкотираат разум. Од Македонија направија прва држава на светот, во која што шефот на државата бојкотира. Претходно бојкотираше Устав, бојкотираше давање мандати, бојкотираше здрав ум и разум, па дури и својот разумен компромис! И сега сите сме во исчекување. Ќе се најдат ли здрави умови во таа партија за да ја спасат државата и луѓето во нејзе од такви бојкот- шизофреничари !? Или ќе се греат додека куќата сосема не изгори. Ќе се најде ли некој што ќе го боли судбината на стотина илјади млади заробени во себе поради таков заробен ум? Ќе гледаат ли сеир како сѐ пред нивните очи се руши? Ќе го дадат ли својот глас за недолжните стотина илјади млади луѓе да го спечалат лебот тука кај своите блиски и сакани, наместо да талкаат по светот? Треба ли некој да го спречи тоа да на нашите млади насекаде по светот им е подобро, отколку во својата држава! Или ќе си стојат мирно пред Груевски и компанијата како да им се измеќари!? И тие со пилешки мозок веќе разбрале дека тука не се работи ниту за име, ниту за било каков идентитет, туку за нивен личен спас и спасување на на огромните пари. А урлаат со некаков патриотизам. А тоа во превод значи – вие сонувајте го животот, додека ние водиме живот од соништата.

Ниту многу помоќниот Милошевиќ не терал ваков инает. Тој барем знаел кога треба да се отстапува. А овие лилипутски мегаломани летаат во облаци, а не знаат дека наскоро ќе бидат фрлени оттаму. Го имаат изгубено секој контакт со реалноста и сега се спремни државата да ја пуштат низ опасни планински диви води со високи водопади. Оти тече „Траекторијата“ за кинеските автопати. Пет отсто од целото може да биде многу. „Титаник“ може да не удави. „Тврдината“ е неосвојива. А на пат се многу „подароци“, „пропаганди“, „ базни станици“ итн.

Важни светски познавачи велат дека злосторничката група со многу пари и моќ, е во служба на руските интереси за сопственото спасување и спасувањето на ограбените милијарди. А државата како целина служи како хипотека, дека парите ќе бидат во нивни раце. А секој основен познавач на геополитиката знае дека  пактот со Русија значи пакт со ѓаволот, оти тоа по своја логика значи исчезнување на Македонија. Таа сега е непожелен тампон меѓу нејзините природн пријатели Србија и Грција.

Цело време пораките од Запад се во насока на можните тешки последици за земјата ако ВМРО продолжува да блокира. А овие реално не сакаат договор со Грција оти не сакаат во НАТО и ЕУ. Нивната дестинација е путиновата Москва. Оттука, заканите дека ќе ги исклучат од ЕПП не им значи ништо на тие кои патот го гледат во спротивна насока. Не се тие дотолку будали да не знаат дека не се чува името губејќи ја државата. Туку свесно тоа го прават.  Замислите Србија и Косово се спремни територија да разменат само за да продолжат кон ЕУ интеграциите. А нам ни се пред вратата за никаква цена. Сега ВМРО внатре врие, а агресивноста и патетичноста е само за привремено да ги маскираат големите внатрешни поделби. Но, прашање е на време, кога сите тешки поделби ќе избијат на површина.

Како и да е, ние не треба да престанеме да се молиме – Господе, немој да им простиш, оти знаат што прават!

Сподели: