Пучдемон побара помош од Европа

Сподели

Поранешниот претседател на автономната шпанска покраина Каталонија, Карлес Пучдемон, побара помош од Европа во врска со шпанското судство, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Европа не може да ги држи во затвор или во егзил членовите на една влада“, за радио Каталонија истакна Пучдемон, кој се наоѓа во белгискиот главен град, Брисел заедно со четворица поранешни министри на локалната управа на Каталонија.

Пучдемон вели дека Шпанија ги крши човековите права држејќи во затвор осуммина поранешни министри на Каталонската управа.

Тој рече дека очекува оти одлуките на шпанското судство во врска со каталонските политичари ќе бидат суспендирани од страна на судовите во Европа.

„Сѐ ќе заврши во меѓународните судови и Шпанија уште еднаш ќе доживее срам пред меѓународните судови“, нагласи тој, потсетувајќи на казните на Европскиот суд за човекови права против Шпанија поради некои случаи во минатото во автономната покраина Баскија.

Пучдемон пренесе дека е во Брисел заради заштита на правата на Каталонците кои се одземени од страна на Шпанија, и за ова прашање да биде пренесено пред меѓународните судови. „Интернационализацијата на каталонското прашање ќе им помогне и на нашите притворени пријатели, бидејќи сите ние сме жртви на еден политички притисок. Тоа што се случи во Каталонија е понижувачки за нив (Шпанија). Затоа се движат со чувство на омраза и одмазда“, истакна тој.

Пучдемон истакна дека предвремените избори кои ќе се одржат на 21 декември во Каталонија, се многу значајни.

„Ако на изборите на 21 декември победи блокот на поддржувачите на независноста, тогаш Шпанија треба да го прифати овој резултат. Ако на изборите победи блокот поддржувачи на независноста, тогаш Европа треба да ја праша Шпанија: „Дали ќе го почитувате тоа?“. Демократија е почитување на желбата на мнозинството. Ова нема граница. Ако шпанската држава стави ограничување за изборите на 21 декември, тоа отсега треба да го каже“, рече Пучдемон, нагласувајќи дека политичките партии што ја поддржуваат независноста треба да излезат на изборите на 21 декември со една листа.

Исто така, Пучдемон истакна дека ниту една политика не може да биде легитимна без демократија и слобода: „Тие чекорат по нашата земја. Не можеме да дозволиме да успеат во тоа. Ако не се бориме, може да победи шпанската држава“, додаде тој.

Од друга страна, околу 200 градоначалници поддржувачи на независноста на Каталонија се наоѓаат во Брисел за да му дадат поддршка за Пучдемон и на четворицата поранешни министри, и да побараат меѓународно посредување за решавање на каталонското прашање.

Градоначалниците кои се состанаа со медиумските претставници во Брисел, со цел каталонското прашање да остане на меѓународниот дневен ред, побараа да ги користат салите на Европскиот парламент, но добиле негативен одговор.