Рашковски: Пред две недели во Владата се вработиле 80 лица, еден од нив среднист со соло пеење

Сподели

Драги Рашковски, новиот генерален секретар на Владата, изјави дека една од првите задачи на новото работно место му е да најде начин како и каде да ги распредели новите 80 вработени, објави Mkd.mk.

„Две недели пред заминувањето од власт, старата власт во Генералниот секретаријат примила 80 нови вработени, без конкретно работно место. Додека институциите од типот на Правен факултет со години немаат замена за пензионираните кадри, тука се вработени 289 лица од кои најголем дел немаат работен ангажман соодветен на образованието“, рече Рашковски, кој е и професор на Правниот факултет во Скопје.

Еден од нив, вели Рашковски, имал завршено средно музичко училиште на насоката соло пеење. „Какво работно место сега јас да му најдам во Генералниот секретаријат на Владата каде што е веќе вработен“, се прашува Рашковски.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека овие проблеми треба да се решат со реорганизација на администрацијата каде што има голема немотивираност на вработените и недостиг од стручен кадар.

mkd.mk