РСЕ: ВМРО-ДПМНЕ понуди три датуми за локални избори

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ понуди три датуми како можност за оддржување на локални избори. Антонијо Милошоски на прес конференција посочи дека партијата смета дека е најдобро да се одржат брзи локални избори односно кон почетокот на јули.

„ Го повикуваме парламентарното мнозинство веднаш да створи услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите и градоначалниците во овој меѓу период. Ние сметаме дека првиот термин кој е соодветен за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и општините е 2. јули, изјави Милошоски.

Тој додаде дека доколку парламентарното мнозинство не е подготвено за брзи локални избори во јули, тогаш втор термин кој ВМРО-ДПМНЕ смета дека е прифатлив е 17. или 24. септември.

„Доколку парламентарното мнозинство на СДСM, ДУИ, БEСА и Алијансата на Албанците не се спремни за локални избори во септември, тогаш предлагаме изборите да бидат одржани на 15 октомври, но напоменуваме дека секој подалечен рок, за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанел поголема штета на интересите на граѓаните“, вели Милошоски.

Тој смета дека секој обид, како што вели неразумно да се одолговлекуваат локалните избори и да се блокира мандат на општините би се толкувал како бегање од изборите.

РСЕ