Самарас: Договорот од Преспа, на Скопјаните и официјално им го дава името Македонија и признавање на националност

Сподели

Нема да дозволиме да ја продадат нашата Македонија. Јас секогаш поддржував дека не можеме на Скопје да му го дадеме името Македонија, бидејќи едноставно, од тој момент сите, официјално ќе ги нарекуваат, не Северномакедонци, Горномакедонци, туку само Македонци, рече поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, во неговиот говор пред членовите на Комората во Кавала, на свеченото отворање на трговскиот и бизнис саемот, јави дописничката на МИА.

Тој нагласи дека идните влади ќе го отфрлат Договорот од Преспа.

– Договорот од Преспа, на Скопјаните и официјално од грчката страна им го дава името на Македонија и признавање на националност – наводни Македонци и признавање на македонски јазик и признавање на македонски идентитет. Односно им дадоа сѐ. И покрај вистинските несогласувања што постоеја во минатото за управувањето со прашањето од различни влади, ниту еден грчки политичар никогаш не прифати да се признае нација, јазик и идентитет Македонец. Никој – рече Самарас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија истакна дека опозициската партија, „како што и има објавено нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис нема да гласа за ратификација, ниту како влада, ниту како опозиција“, а додаде и дека следните грчки влади ќе треба да се ослободат од обврските од Договорот од Преспа.