Самит на лидерите на ЕУ: Тероризмот е најголем проблем за жителите на Европа

Сподели

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, на Самитот на лидери на членките на ЕУ во Брисел изјави дека треба да се спречи трговците со луѓе да го искористуваат актуелниот проблем со бегалците во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).

„Не можеме веќе да им дозволуваме на трговците со луѓе да го искористуваат проблемот со мигрантите“,изјави Тајани на прес-конференцијата по Самитот на претседателите и премиерите на земјите членки на ЕУ.

Тој истакна дека за време на состанокот најмногу се разговарало за значењето на борбата против илегалните миграции.

Исто така, Тајани нагласи дека досегашната стратегија на ЕУ за распределбата на товарот во врска со мигрантите е неуспешна.

Тој го повика Советот на ЕУ на итна реформа за, како што рече, политиките кои се однесуваат на правата на азил да бидат многу поправедни и поефикасни.

Тајани напомена дека, сепак, тероризмот е најголем проблем за жителите на Европа, и додаде дека ЕУ поради тоа мора да посвети повеќе внимание на прашањето за безбедност, во своите граници и надвор од нив.

Тој повтори дека ЕУ се противи на одлуката на САД за повлекување од Парискиот договор за борба против климатските промени, нагласувајќи дека Унијата треба да игра водечка улога во врска со ова прашање.

Тајани на крајот се осврна и на Брегзит, потсетувајќи дека тоа е одлука на британскиот народ.

„Според мене, би било добро Велика Британија да остане во ЕУ. Но, тоа е одлука што ќе ја донесе Велика Британија, а не ЕУ“, изјави Тајани.