СДСМ најавува техничка влада, Холандија предупредува таа да биде без „лица под истрага во СЈО“

Сподели

Формирање на нова техничка влада за спроведување на реформите потребни за одржување на фер и кредибилни избори, најавува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Од таму засега не откриваат дали во моментов се водат разговори за формирање на таква влада и за нејзиниот формат.

sds

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција рече дека тоа го кажале уште по констатирањето на оставките на нивните министри и враќањето на старо-новите министри од ВМРО-ДПМНЕ во Владата.

– Кажавме уште во моментот кога е направен обидот да се сруши владата од Пржино, со цел токму да се прикријат криминалите на Груевски, дека сè што направиле досега ќе погазат, ќе биде погазена и оваа влада – рече Шилегов.

Вчера и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, на протестот во Велес рече дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и демократски избори.

Инаку, вчера во соопштението од холандската амбасада со освртот од посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Холандија и генерален директор за европска соработка, Роберт де Хроут на земјава, се предупредува на тоа кои се лица може да учествуваат во една таква влада.

„Учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада, или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните“, беше наведено во соопштението.

Извор: meta.mk