Колумна Текстови

Секому според стореното зло – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели:

После случувањата на најцрниот македонски четврток организаторите, финансиерите, нарачателите и инспираторите на насилниот упад во Собрането на РМ со иста реторика: ,,Се работело за ситуација која неможела да се исконтролира поради насобраниот бес на граѓаните. Граѓаните биле изреволтирани од случувањата во Собранието. Ситуацијата ја искористиле неколкумина насилници да влезат во Собранието да направат хаос и да повредат пратеници односно поточно кажано да се обидат да убијат пратеници и да уништуваат народен имот…!?”.

Сега демек хорски и на глас сите заедно ,,Ми нисмо одавде”. ,,Ние ништо не знаеме. Се било спонтано. Кој што правел нека си одговара……”

Ццццццц…….. која бедотија од морал и совест !?. Грам срам, совест и образ да се немало. Лажни патриоти и безочни мапипулатори не ќе може повеке така….. Доста беше. Повеке од 10 години се вадите на истата финта. Ова е дефинитивен крај на повеќегодишната системска реализација на проектот ,,Масовна дерегулација на здравиот разум на македонските граѓани”. Сега ке мора јавно да се кажат и со прст да се посочат инспираторите, нарачателите и финансиерите на ова монструозно сценарио за разнебитување на државата. Извршителите и организаторите веќе се познати и ниту фантомки, ниту капи, ниту кожни гаќи, а богами ниту телефонски јавувања кај налогодавците не ги спасуваат повеќе. На Зврлевски и неговите пајташи им се пружа шанса на крајот од својата кариера да се обидат да постапуваат стриктно по законите.

Сето ова им стана мошне јасно и на бедните измеќари и гнасни реализатори рано изутрината по случувањата. Тие не ги очекуваа изјавите со кои силно се осудува насилството врз пратениците како и повикот ,,институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, на граѓаните и на полицајците”. Овој повик им ја допомати и онака заматената мала дотогашна свест и заблуда дека сите ќе бидат заштитени и нема да им фали ништо и нема да одговараат за стореното зло. Тогаш конечно кај нив започна да се раѓа чувството дека наликуваат како испушена муштикла односно како исплукана мастика за џвакање на асвалтот. Да потсетам дека мастиката се џвака во уста се додека постои чувство на благост (додека не се потроши шеќерот), а потоа се исплукува, а муштиклата додека не се испуши цигарата.

Чувството на надеж дека ке има спас ќе им трае се додека полицијата не дојде ѝ им затропа на врата со налог за приведување односно додека не седнат на столчето за испрашување. Се дотогаш ке се надеваат дека ке бидат спасени од нивните ,,семоќни” налогодатели и финансиери. Меѓутоа од моментот кога ќе им биде одредена мерката притвор се ќе им стане јасно. Повеќемина од нив ќе го колнат денот кога се се родиле и кога решиле да одработуваат за сопствени, но пред се да слугуваат на туѓи лични интереси. Пискотници ќе се слушаат дури до Галичник. Работата ќе наликува на онаа веќе позната ,,леле леле што ни требаше”. Налет и пари, налет сé нека е….Се ке кажеме како што беше. На безмозочните извршители и гнасни реализатори заслепени од количеството добиени пари за реализација на ова сценарио по се изгледа никој не им кажал дека откако ќе заврши филмот некој ке мора да ја плати сметката. И тоа целата на куп. Наеднаш….

На ,,патриотите по нарачка” по се изгледа дека не им беше позната изреката на Ајнштајн дека постојат само две бесконечни нешта во животот. Тоа се вселената и човековата глупост односно човечката алчност, иако прашањето за вселената е дискутабилно. Нивната алчност и чувството на наводна семоќ кое десетина години е вгнездена во малите мозоци на поголем дел од партиската врхушка им ја помати и онака малата и ниска свест и совест.

Да се разбереме еднаш засекогаш. На ваквите луѓе Македонија не им беше важна. Најважно и приоритетно им беше количеството на добиени пари, полните џепови и задржување на функциите и привилегиите. Тие се мошне свесни дека во ниту една друга држава и со ниту една друга власт со нивните интелектуални способности и капацитети не би можеле да го добијат тоа што сега го имаат и уживаат. И затоа така се однесуваа заборавајќи дека постои некое друго ,,утре” дека за секое сторено зло се одговара пред законите. Оние кои ги намагарчија и за кои измеќаруваа како по обичај сега ке ,,перат” раце од нив. Ќе бегаат од нив како ѓавол од темјан. Не туку така постои една народна изрека која вели: ,,кој со ѓавол краставици сади тие накриво ќе изникнат”. И навистина изникнаа ептен накриво во вечерните часови на срамниот четврток.

Не нејсе, секој со својот ум и стореното зло и постапки. Институциите се на потег. Од денес па натаму нам ни останува обврската конечно да расчистиме со распашаниот авторитарен волунтаризам, со чувството на семоќност кај одредени партиски личности, со лажниот патриотизам и безочната мапипулација. Да ги охрабриме и ослободиме од партиските стеги судстото, полицијата, администрацијата и медиумите. Мораме да се обидеме да ги натераме да не погледнат во очи и барем тивко да се извинат сите оние кои се восхитуваа на самобендисаната, популистичка и измамничка реторика која служеше како параван за реализација на личните и лукративни цели во име на некои повисоки државни или национални интереси.

Никогаш повеке не смееме да дозволиме граѓаните да се вовлекуваат во измами од гигантски димензии преку вешто граден и медиумски поддржан неморал и цинизам.

Правда и одговорност за секое сторено и нанесено зло. Македонија вечна и единствена.

Сподели: