Шпанија ќе ја почне постапката за укинување на автономијата на Каталонија

Сподели

Шпанската влада соопшти дека вo сабота ќе одржи вонредна седница и ќе ја почне постапката за укинување на автономијата на Каталонија.

Владата на Народната партија на десниот центар, која е на власт од 2011 година, вo сабота ќе одржи вонреден состанок на министрите, по кој би требало до шпанскиот парламент да испрати предлог-мерки од членот 155 на шпанскиот устав, кои ѝ овозможуваат да употреби присила во спроведувањето на законите во Каталонија, пренесува ХРТ.

Конкретните мерки кои Мадрид има намера да ги спроведе во Каталонија, која е една од 17-те автономни региони во Шпанија, засега не се наведени.

Членот 155 од шпанскиот устав досега никогаш не е користен, а владата во Мадрид реши да го активира откако процени дека каталонската владата не се откажува од независноста на Каталонија.

Соопштението на шпанската влада доаѓа откако каталонскиот претседател, Карлес Пучдемон, не го задоволи ултиматумот на шпанскиот премиер Маријано Рахој, да се откаже од барањето за независност. Наместо тоа, Пучдемон во писмото го предупреди Рахој дека Каталонија ќе прогласи целосна независност од Шпанија, доколку Мадрид продолжи да се заканува со суспензија на автономијата.

Кризата во односите меѓу Барселона и Мадрид избувна по референдумот за независност на Каталонија, што се одржа на 1 октомври, кој уставниот суд на Шпанија претходно го забрани.