Склучена соработка меѓу ЗНМ и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип

Сподели

Здружението на новинари на Македонија потпиша Меморандум за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД). Тој беше потпишан денес од страна на Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани и Ректорот на УГД Штип, проф. д-р Блажо Боев, а со него ќе се продлабочи меѓусебната соработка во многу области.

Селмани се заблагодари за подготвеноста за соработка со ЗНМ и истакна дека овој Меморандум е од обостран интерес. „Ние освен што се бориме за слободата на говорот, сакаме да работиме и во подобрување на квалитетот на известувањето. Подобрувањето или одговорноста на новинарите нема да ја подобриме ако не работиме со новите генерации на новинари кои студираат на нашите универзитети и сакаме токму од таму од изворот да го подобриме квалитетот на кадарот, а со тоа се надеваме дека во наредниот период новинарите и квалитетот на известување ќе се подобри“, рече Селмани.

„Ова е прв пат во Македонија, што Здружението потпишува ваков Меморандум и навистина ова е за секоја пофалба за Универзитетот и за самиот ректор, бидејќи со ова покажуваат дека само преку отворена соработка може да ги подобриме состојбите во земјата“, рече Селмани и додаде дека од оваа соработка ќе профитираат не само новинарите и академската заедница, туку и граѓаните на Република Македонија.

Ректорот на УГД Штип, проф. д-р Блажо Боев истакна задоволство од оваа соработка и се заложи дека вратите на Универзитетот секогаш ќе биде отворени за новинарите. „Денеска имаме чест и задоволство да покренеме една соработка со ЗНМ бидејќи ние имаме студиска програма по новинарство и мислам дека е многу важен момент, нашите студенти да бидат дел од таа новинарска фела во Република Македонија и да можат да ги користат придобивките од развојот на оваа професија“, рече тој. Според него, со соработката со професионалните новинарски асоцијации ќе се подигне нивото и квалитетот на студиската програма по новинарство и она што студентите треба да го научат од неа.

Оваа соработка ќе овозможи многу поволности за новинарите од целиот источен регион, за студентите и професорите по новинарство, како и за членството на ЗНМ. Според Меморандумот, ЗНМ и УГД Штип ќе соработуваат на заеднички проекти, ќе можат да користат анализи, истражувања, архиви и воопшто соодветните капацитети и услуги на двете установи. Исто така, ќе биде овозможено учеството на обуки, работилници и семинари, ќе се издаваат заеднички публикации, а ќе има и зголемена соработка со наставно-научниот кадар на УГД Штип.