СЛЕДБЕНИЦИТЕ НА СЛОБОДАН МИЛОШЕВИЌ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

 

Во овој текст ќе се воздржам од свои коментари, ќе приведам без некој временски редослед само неколку факти:

* Ивица Дачиќ, српски министер за надворешни работи пред некој ден соопшти дека Србија направила голема грешка, кога наспроти нејзиното пријателство со Грција, ја признала Македонија под уставното име и дека отсега натаму во меѓународните односи таа ќе биде ословувана како Поранешна Југословенска Република.

Таквиот став бил заземен поради македонското признавање на Косовската независност.

* Дачиќ во два мандати е дел од кабинетот на премиерот Александар Вучиќ, кој што заедно со сегашниот српски претседател Томислав Николиќ, своевремено беа најверни соработници на хашкиот затвореник Воислав Шешељ, лидер на српските радикали.

Сите тие не го признаваат Косово како независна држава но, повеќе години водат со него интензивни преговори на ниво на високи државни делегации за регулирање на меѓусебните односи.

* Во далечната 1989 година, македонските комунисти на чело со Петар Гошев, слично како и раководството на Словенија и Хрватска, се залагаа СКЈ и СФРЈ да се преуредат врз нови демократски основи, со поголема републичка самостојност и поизразени национални атрибути. Тогаш српскиот врв, предводен од Слободан Милошевиќ го прогласија Гошев за пробугарски експонент, кој што се стреми Македонија да ја припои кон Бугарија, барајќи негова и смена на целото македонско и партиско раководство.

* Во тој период, српските медиуми раководени од изданијата на “Политика” и нејзиниот генерален директор Живорад Миновиќ, поставен лично од Милошевиќ, отпочнаа жестока антимакедонска кампања со тврдења дека во Македонија се спроведува прогон на српскиот етникум и дека, меѓудругото, студентите по медицина во Скопје изведувале вежби со откопани черепи на загинати српски војници од Првата светска војна!

* Истата таа година, четничкиот војвода Вук Драшковиќ во Нова Пазова, при формирањето на неговата партија Српска Народна Обнова ќе прогласи дека “се` е нелегитимно од АВНОЈ до денес”, поради што треба “да се обноват границите на бившото кралство Србија, во кое што Македонија ќе биде негов составен дел, како Вардарска област.”

Вук Драшковиќ подоцна стана српски министер за надворешни работи.

* Во јули 1991 година, паравојската на Воислав Шешељ го окупираше манастирот “Прохор Пчински”, оневозможувајќи го македонското чествување на националнот празник 2.август. По тој повод Шешељ се закани дека неговите вооружени чети “можат само за 6 часа да ја прегазат Македонија и да ја вратат во составот на Србија”.

* Непосредно пред одржувањето на македонскиот референдум за независност, Слободан Милошевиќ остро предупреди: “Ако Македонците се отцепат од Југославија, Србите што живеат во Македонија ќе добијат поддршка да се одвојат и да останат да живеат во скратената федерација”.

По средбата со Милошевиќ во Белград, грчкиот министер за надворешни работи Самарас, ќе истакне дека “без разлика на резултатите од референдумот, Грција никогаш нема да ја признае како независна државата што ќе го носи историското грчко име Македонија”.

Притоа, странски извори наведоа дека при тајни средби со грчкиот премиер Андреас Папандреу, српскиот вожд предлагал меѓусебна поделба на македонскта територија. Тие дни грчката aрмија изведе големи воени маневри близу границата со Македонија.

* Десетина години подоцна, лидерот на Социјалистичката партија на Македонија Љубисав Иванов-Ѕинго, придружен од уредникот на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас, имаа прием кај Слободан Милошевиќ во Белград, на кој што му ја изразија својата поддршка на неговата политика.

Своевремено Македонските медиуми укажуваа дека Латас бил меѓу главните организатори на анти-натовските протести во Скопје, но и дека долги години бил соработник на тајните српски служби.

Познато е дека денес повеќето партии на Србите во Македонија, го поддржуваат актуелниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, при што неговото раководство како и српското ги обвинуваат западните држави за мешање во внатрешните работи на нивните држави и за обиди за уривање на нивната власт.

Според тоа, изјавата на Дачиќ не смее да се третира како избрзана или случајна туку, како што самиот вели “став на една изградена и одговорна српска државна политика!”