Средба Туск – Заев: Патот кон ЕУ е трасиран – јасно изразена политичка воља напред во евроатлантските интеграции

Сподели

Од срцето на Европа, Брисел е потврдена големата вест, дека Македонија доби датум за преговори со Европската унија, и тоа е Јуни 2019 година, порача премиерот Заев на прес конференцијата со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Премиерот сепак потсети дека со добивањето на датум за преговори процесот на пристапување кон унијата допрва почнува, и дека искуството на другите земји покажува кога Македонија би можела да очекува полноправно членство.

„Процесот на пристапување во ЕУ не завршува со отворање на поглавјата за пристапување, напротив, според досегашното искуство, преговорите во просек траат седум и повеќе години. Ако ја прифатиме оваа динамика и за Република Македонија произлегува дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година“, вели Зоран Заев – претседател на Владата на РМ.

Ова е добра недела за вашата земја и Западниот балкан порача Туск, и додаде дека министрите за надворешни работи на унијата го отвориле патот за преговори за Македонија и Албанија во 2019. Сепак напредокот не би бил можен без договорите за добрососедство со Бугарија и за името со Грција, потенцира Туск.

„За време на мојата посета на Скопје ја видов јасно изразената политичка воља да одите напред во евроатлантските интеграции, и дека ќе останете на тој пат да одржите чекор во реформите во клучните области“, вели  Доналд Туск – претседател на Европскиот совет

Посетата на Заев на Брисел следува по завчерашната одлука на Советот на ЕУ, Македонија да почне преговори за членство во јуни 2019, но условено со низа обврски кои земјава треба да ги исполни за Европскиот совет следната година да даде зелено светло за преговорите.

24ТВ