СРЕЌАТА – ЈОВИЦА ИВАНОВСКИ

Сподели

jovica

 

СРЕЌАТА

Среќата нема конфекциски број,
ниту, пак, сезонски попуст.
Не се продава во хипермакети,
ниту, пак, во златарници.
Не расте на дрво, ни под земја.
Не е сопственичка на јавна куќа
(иако од тамо сите излегуваат повесели).
Не се мери во грамови, ни во тони.
Не е шанкерка која чести тура,
ни девојка која напаѓа на ура.
Среќата не е во малите работи
(до кога ќе нè лажат со тоа),
но не е ни во најголемите.
Среќата е нешто што мислиш
дека им се случува на другите,
додека ти само си играш со
својата сопруга и децата.
Среќата е извесност што
мислиш дека те одминува
кога не си свесен
дека си среќен.