Судијката Михајлова си поднесе оставка во Основниот суд Скопје 1

Сподели

Судијката Татјана Михајлова денеска поднесе оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, објави „Утрински весник“.

Од судот, за „Мета“ ниту ја негираат, ниту ја потврдуваат ваквата информација. Оттаму упатуваат на Судскиот совет, кој е надлежен за избор на судиите и на претседателите на судовите.

Засега не се откриваат причините за оставката, која следува откако повеќемина судии поднесоа жалби до Врховниот суд во врска со годишниот распоред што го подготви Михајлова. Со распоредот, судиите без консултација беа прераспоредени на нови работни места. Неодамна на седуммина од осумте судии, Врховниот суд им ги прифати жалбите, по што ќе биде потребно да се направи нов годишен распоред на судиите.

На почетокот на декември минатата година, по истекот на мандатот на тогашниот претседател Владимир Панчевски, Михајлова беше избрана од Судскиот совет за в.д. претседател на кривичниот суд.

Инаку, таа го суди и предметот на СЈО за насилството во Центар од јуни 2013 година, во кој првообвинет е и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.