УНИЦЕФ: За три години во Ирак убиени над илјада деца

Сподели

Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека над пет милиони деца во Ирак имаат потреба од итна хуманитарна помош. Во извештајот се наведува дека од почетокот на годината досега, во земјата починале 152 деца, јавува Anadolu Agency (AA).

Во новиот извештај на УНИЦЕФ се вели дека децата во Ирак се заглавени меѓу насилство кое нема крај и спиралата на сиромаштијата којашто се зголемува од почетокот на судирите во оваа земја во 2014 година, кога тие беа обновени.

Во извештајот е наведено дека од почетокот на годината досега, 152 деца во земјата починале поради насилство, а во последните три години починале 1.075 деца. Исто така, се посочува дека 255 деца станале инвалиди или се повредени во првата половина оваа година, додека 1.130 во последните три години.

– „Не остана место каде што може да се оди“ –

Во извештајот на УНИЦЕФ насловен „Не остана место каде што може да се оди“ беа дадени следните информации: „Од 2014 година до денес, 4.650 деца во Ирак се одвоени од нивните семејства или останале без придружник. извршени се напади врз 138 училишта и 58 болници. Над три милиони деца не можат да одат редовно на училиште. Околу 1,2 милиони деца воопшто не одат на училиште“.

– „Децата се сведоци на страв и насилство“ –

„Децата во Ирак се сведоци на страв и насилство што не можат да се опишат. Тие се сведоци на една од најсуровите војни во поновата историја, во која се убивани, повредувани, киднапирани и принудувани да убиваат“, истакна претставникот на УНИЦЕФ за Ирак, Питер Хокинс, во врска со овој извештај.