Колумна Текстови Топ теми

ВИСИ ЛИ МИРОТ НА КОНЕЦ?! – Мерсел БИЉАЛИ

 

Ожалостена жена низ солзи на колена го молела прочуениот духвник за да се помоли за нејзиното тешко болно дете, кому не успееле да му помогнат многу лекари. Тој дошол, го земал детето и почнал со молитва пред маса луѓе. Еден од присутните почнал да вика: „Зар вистина мислиш дека твојата молитва ќе му помогне, кога сите доктори дигнаа раце?!” Духовникот му возвратил: „Ти да си молчиш, оти имаш мозок на пиле“.  Човекот страшно се налутил, дури бил спремен и физички да го нападне духовникот. Но, тој сепак со тивок глас го смирувал и му рекол: „Виде ли колку сила имаат моите два збора кај тебе, сосема поцрвене и побеснa. А зошто мислиш дека поинаквите зборови нема да се од полза кај детето?!”

И ние имаме потреба од духовници кои ќе ни укажуваат дека не е добро да скокаме во празен базен. Навикнати сме да бидеме болни и не сакаме да  оздравиме. Пропагандна машинерија направи да се посомневаме во можното, а да веруваме во невозможното. Ние телесно изгледаме чисти, но душевно сме ептен загадени. Му даваме години на животот, но не и живот на годините. Едни уште продолжуваат да мислат дека подобро да имаме граници без Европа, отколку Европа без граници. Тоа ни е подарок од политичари кои енормно се збогатија продавајќи илузии. Тие дури и нашите желби ги продаваа како нивен успех. А стасавме до тоа борбата против криминалот да ни наликува на борба со сопствената сенка. И сега си имаме амбиент каде што ситите луѓе се сé погладни, а гладните се сити од сé. А едни криминалци сеуште имаат сé освен име и презиме. Џипови од стотина коњи, возени од магариња!

Уште има луѓе кои не можат или не сакаат да разберат дека референдумот нема да ја одреди само судбината на македонско-грчкиот договор и зачленувањето во НАТО и ЕУ, туку ќе го спаси мирот во целиот регион. Германскиот аналитичар Erich Rathfelder предупредува дека западниот Балкан се наоѓа на ептен тенок мраз, поради геополитичките претензии на Русија и Турција. Тој наведува дека Русија со помош на Турција, до детаљи координирано работат за дестабилизација на целиот регион (едната игра на православна, а другата на исламска карта). Македонија  пак, како мала држава со различни религии, е плодна средина за почетна експлозија. Анализата е објавена во германскиот весник „Die Tageszeitung“ и австирскиот „Die Presse“. И реално, Македонија може да им служи како мала иницијална каписла за една голема регионална разорна детонација која ќе може да ги урне дури и темелите на цела Европа, оти таквата спирала веднаш би ги активизирала бројните милитантни фанатици во Босна, Косово, Србија и Црна Гора. Путин веќе подолг период има пратено негови воени советници во Република Српска.

 

Можна дестабилизација на државата и регионот, ако падне референдумот предвидува и врвниот светски познавач на Балканот Даниел Сервер. Но, интересно е тоа што познатиот британски дипломат Timothy Lees во својата опсежна анализа објавена во “Foreign Affairs”, предвидува широка дестабилиција на западниот Балкан, после која сите помали држави би се поделиле меѓу трите држави – Хрватска, Србија и Албанија. Авторот заклучува дека само НАТО тоа може да го спречи. И најновата анализа на светскиот лидер по геополитиката – „Stratfor”, вели дека после очигледната размена на територии меѓу Белград и Приштина, мирот во регионот е пред војнички отстрел. Таквата состојба сите ја гледаат, освен тие што садат тикви со ѓаволот кај нас. А ѓаволот никогаш не доаѓа со страшно лице, остри заби и црвена стрела, туку со сé што луѓето посакуваат од животот. За жал, едни дури и со научни титули настојуваат да нé убедат дека токму најопасниот отров е најдобриот лек за нас. Се ризикуваат милиони души за да се спасат петмина бездушници од минатото водство. Бидејќи не им успеал „Планот А“ (амнестија за референдум), сега преминуваат кон „Планот Б“ (амнестија за двотретинско). На терен со сите можни начини се лобира за бојкот. И кој и да дојде тука од светските лидери, Мицкоски папагалски ќе му каже – „Ние сме за НАТО и ЕУ, ама сме против договорот“. Сакаме да ја преминеме реката ама мостот не ни се допаѓа. И затоа треба да го урнеме. А мостовите служат за поминување, а не за уривање.

Целиот нормален свет се растрча за да не одврати од намерата да ја запалиме сопствената куќа, оти ќе сме ги пеплосале и сите други наоколу. Станавме аџилак на светски лидери. Но, кога ќе слушнат дека и на вакви ретки историски моменти, едни работат против, тие со право се фаќаат за глава и велат – дојдов, видов и да не верувам на очите!!! Мицкоски ќе направел подобар договор со Мицотакис кој е против ратификација на постојниот! Столтенберг со право прашува – „Кога сте можеле да направите подобар договор, зошто не го направивте досега“? Целата држава 11 години била заложник на тројца луѓе, и истите тие и понатаму се закануваат дека целото население ќе го фрлат во бездна. За нив, и целиот свет да изгори, Европа да исчезне, Македонија да испари, нема да нé оставаат на раат ако ние не ги оставиме на раат да ги трошат нашите пари. Мицкоски сега е во многу незавидна положба. Ризикува да стане гробар на сопствената држава. Тој и да повикува на неутралност, гревовите за бојкотот нему ќе му се пропишиваат. Иако делува интелигентно, тој продолжува партијата да ја води со паметот на тие што немаат памет, а на кои им е вграден фаталистички чип во главата. И затоа сите ќе завршат во жив песок. Нивната болна логика резонира во стилот: „Подобро да ја снема државата, отколку таа да биде водена од СДСМ“. Други пак слепо пеат – „рубља да бакнам, па макар да умрам“. А еден поранешен министер за надворешни работи, прави ненормални внатрешни работи, сакајќи да влезе во историја, а лесно може да заврши во зоологија!

Други автори мислат дека како превентива ЕУ под итно треба брзопотезно да го прими целиот западен Балкан во своите редови, иако според “Financial Times” сите шест држави од западен Балкан заедно имаат само 1% на бруто општествениот производ во ЕУ. Но, со вакво темпо на иселување, регионалните економии не можат да напредуваат и конфликтот е неибежен. Тие велат дека регионот сега има околу 18 милиони жители, а тоа значи помалку од Романија со 20 милиони жители, кога таа пристапила во ЕУ, и кога имала бруто домашен производ по глава на жител дури 77 % под просекот на тогашната ЕУ. Оваа група автори мислат дека без таков потег мирот на западниот Балкан виси на конец. За дестабилизирањето на регионот ако не помине референдумот, мисли дури и московскиот „Комерсант“.

Гледаме дека кај нас полесно е луѓето да создаваат богови отколку боговите луѓе. Потоа глупостите ни се претвораат во религија. Факт дека во однос на Европејците, ние не можеме без нив, но тие не можат со нас. Ама опашката им е заглавена тука. Секоја експлозија тука неминовно дека ќе биде и европска експлозија. А поттикнувачите и инспираторите ќе можат да одговараат пред Меѓународниот кривичен суд, поради злосторство против мирот. Но, така е кога за да управувате трактор, потребно ви е лекарско уверение, а за да управувате државата немате потреба од таков документ.

Сподели: