Во очекување на образложение од Белград

Сподели

Нема официјални информации за причините за ненадејната одлука за повлекување на целиот персонал на српската амбасада во Скопје на консултации во Белград. Образложение за тоа денеска треба да даде српскиот министер Дачиќ, пишува Дојче веле.

Мерките за зголемување на безбедноста на зградата на српската aмбасада се преземени откако МВР доби информација од Министерството за надворешни работи дека Белград одлучил да го повлечче целиот персонал на дипломатското претставништво на итни консултации.

Сите вработени во амбасадата на Србија во Скопје се повлечени ноќеска на итни консултации во Белград. Амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ изјави  оти не може да коментира и во смс-порака на дописникот од Скопје, му порача да се јави денеска за информации во српското Министерство за надворешни работи. Српските медиуми јавуваат дека денеска изјава по повод ненадејното повлекување на персоналот на амбасадата ќе даде шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.

Македонското Министерство за надворешни работи пак соопшти дека добило нота од амбасадата на Србија во Скопје, со која се известени дека целиот персонал е повикан на консултации во Белград.

„Министерството за надворешни работи не е запознато со причините за ваквата одлука и поради тоа воспоставува комуникација со МНР на Србија. Во согласност со релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи институциите во Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Србија во Скопје“, се наведува во соопштението.

DW