Вести Македонија Ударни вести

Во тензична атмосфера изгласан Законот за употреба на јазиците

Сподели:

Собранието во тензична атмосфера со 64 гласа „за“ без против и воздржани гласови го донесе законот за употреба на јазиците без да расправа за 36.000 амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На ова повторно реагираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предводени од нивниот поранешен лидер Никола Груевски кој повторно се приближи до столчето на претседателот на Собранието Талат Џафери и му рече „Немојте на сила“ и „Вас нема ништо да ви направам, но не е добро на сила“. Собраниското обезбедување интервенираше и спречи поголем физички инцидент со Груевски, го изнесе претседателот Џафери.

И претходно за малку беше избегната физичка пресмета помеѓу Груевски и Џафери. Пред паузата од 15 минути, поранешниот премиер Груевски застана директно пред Џафери, удираше по масата, по ѕвончето, му го мрдаше микрофонот и му ја истури чашата со вода. Потоа тој се качи зад Џафери и му го исклучуваше микрофонот.

Додека Џафери излегуваше од салата кон него се приближи Груевски, но обезбедувањето на Собранието спречи посериозен физички контакт.

Случувањата во Собранието потврдија дека токму Никола Груевски стои зад обидите да се блокира работата на Собранието и зад обидите да се блокираат реформските процеси и евро-атлантската перспектива на Македонија, реагираа од СДСМ преку партиско соппштение.

Од таму велат дека „тоа е потврда дека Христијан Мицкоски е само марионета на осомничениот Груевски и дека воопшто не поседува капацитет за да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ“.

meta.mk

Сподели: