Aлександар Литовски
Колумна

ЗА ДУШЕВНОТО СТРАДАЊЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:
Aлександар Литовски

„Страдањето е единствен начин на кој стануваме свесни за постоењето, а сеќавањето на страдањето ни е потребно како доказ на нашето непрекинато постоење.“
                                                                                                                                                        Оскар Вајлд

 

 

 

Душата (грч. ψυχή, лат. anima,) е она што ги разликува живите суштества од неживите. Модерната психологија го прифаќа поимот „психа“ за означување на функционалното единство на специфичниот внатрешен човечки живот. Душата е оној супстанцијален, незаменлив и неотстранлив principium vitale со чија помош секое живо човечко суштество опстојува и дејствува. Секој човек е она ште е, пред сѐ, заради својата душа, заради својот единствен и неповторлив ментален склоп. Затоа, душата е она највредното што секој човек може да го поседува. Оној, пак, што ќе ја загуби сопствената душа, се обезличува и отчовечува и го губи својот идентитет. Тој можеби може да живее и понатаму, но тоа е живуркање и тој живот не е автентичен и, оттаму, е целосно безвреден.
Од своја страна, душевното страдање е состојба на долготрајна и константна психичка мачнина и болка, на силна страст и длабок занес, на болна возбуденост и голема потиштеност, на несопирлив страв и безнадежна неизвесност. Може да се каже дека душевното страдање е своевидна душевна грозница со продолжено траење, од која, на моменти, се чини дека човечкото срце ќе се распука на најситни парчиња. Тоа честопати е ретроспективен поглед на пропаднатата среќа (оти, „болно е да се сеќаваш на среќните денови“, вели Данте Алигиери), или неодредено барање на непостојни или неостварливи вредности и цели, или, пак, прогонството на нечистата свест и совест, или резултат на повреденото човечко достоинство, на изгубениот близок, на неостварената и невозвратена љубов… (па не попусто Платон ја поставил дијагнозата дека „љубовта е тешка болест на душата“) Во секој случај, ако се работи за вистински вредности и цели кон кои некој човек е исцело насочен, тогаш нивното незадоволување или губење, секогаш остава поголеми или помали последици на понатамошниот живот.
Внатрешниот човеков живот и душевното страдање имаат централно место во психологијата како научна дисциплина, но и светската книжевна традиција. Безбројни романи, раскази, драми, поетски творби, есеи…, кратко и попатно, или опширно и комплексно, се концентрираат или се навраќаат на темите за душевниот живот и душевното страдање. Всушност, веројатно страдањето е еден од главните мотиви кои стои зад секое убаво нешто во книжевноста и уметноста. Но, и само обидот таксативно да се набројат сите писатели и дела кои расправаат за душевното страдање, е потфат кој во ваков тип на текст е неостварлив. Сепак, потребно е да се укаже дека Фјодор Михајлович Достоевски го зазема највидното место во светската книжевност на која централна тема ѝ е човечката емоционалност и затоа се смета за основач на модерниот психолошки роман.
Меѓутоа, душевното страдање свои корени има во најстарата усна и пишана традиција. Така, најверојатно еден од најубавите грчки митови за љубовта е сврзан со душевното страдање и состојбата на безнадежност предизвикана од таквото страдање. Имено, се работи за митот за тракиската принцеза Филида, која за време на Тројанската војна се заљубила во Акамант, син на Тезеј. Кога Троја била поразена и грчката флота се повлекла, Фелида секојдневно одела на морскиот брег, на местото со име Енеод и чекала да се врати бродот на Акамант. Откако подолго време бродот на Акамант, заради честото невреме, не се појавил, Фелида изложена на силно душевно страдање и без надеж дека ќе го види својот љубен, починала од нестивнувачката тага. Божицата Атина, трогната од големината и силината на љубовта на Фелида, веднаш нејзиното мртво тело го претворила во бадемово дрво. Акамант, пак, наредниот ден откако Филида починала, пристигнал кај местото Енеод, но можел само да го прегрне бадемовото дрво. (Ова, секако, придонесува за зголемување на трагиката на митот за Филида и Акамант, но зарем постои вистинска љубов која целосно или делумно не е трагична?) Како реакција на гестот на Акамант, на гранките од дрвото се појавиле цветови наместо лисја и оттогаш, вели митологијата, цветањето станало карактеристика на бадемовото дрво. Во чест на Фелида и Акамант, односно во чест на „смртната љубов“ на Филида, отогаш па натаму, жителите на Атина приредувале игри посветени на овие двајца големи заљубеници.
Добро е да се укаже и да се знае дека секое душевно страдање, за разлика од физичкото страдање, го следи илузија за бесконечност. Таа илузија често се чувствува и се именува како – очај. Душевното страдање, кое е проследено со свест за проодноста, не е страдање, туку привремено расположение, определена моментална тегобност, краткотрајна меланхолија. Затоа, може да се констатира дека во случај на вистинско душевното страдање, човекот не го уништува стварната неиздржливост, туку безнадежноста, очајот. Оттаму, пак, понекогаш душевното страдање завршува и најтрагично. Значи, луѓето можат да поднесат и најстрашни физички маки, а се случува да се самоубијат заради душевно страдање. Формулите: „сѐ проаѓа“ и „времето е најдобар лекар“, тешко или никако не можат да му влеат утеха на некого што вистински страда, што го загубил сопственото дете, или кого го оставила вљубената, или… Во моментот на страдањето ваквите „мудри“ формули на оној што страда му се чинат исклучително банални, безвредни, бесмислени, недоволни и незадоволувачки. Кај оној што страда функционира „логиката на срцето“ (Блез Паскал). Логика која слепее за пораките на разумот. Затоа, тој не може да ги согледа и разбере причините за своето страдање, а не сака и не може бесконечно да се теши со надежта. Во овој контекст, умно е да се имаат предвид зборовите на Меша Селимовиќ: „Сѐ ќе пројде! Ама, каква е тоа утеха? Ќе помине и радоста, ќе помине и љубовта, ќе помине и животот! Зарем надежта е во тоа сѐ да помине“ Јасно дека одговорот е негативен… Оти, претставите за важноста, за вредноста, за значењето на нештата, се целосно индивидуални и апсолутни од аспект на оној што страда. Тука не постои објективност и не постои можност за замена или компромис.
Но, точно е дека времето, временската дистанца, понекогаш даваат можност работите да можат да се согледаат и со разумот. Затоа, некогаш душевните случки заради кои човек страдал, па дури се решил да си го одземе животот, во случај на неуспешно самоубиство, по, на пример, една година или повеќе, му изгледаат дури недостојни за внимание. Оној што душевно страда, тогаш ја премостил и напуштил „логиката на срцето“ и почнал да ја применува „логиката на разумот“. Харолд Робинс со право пишува дека „времето ги ублажува, а понекогаш ги убива демоните на љубовта и омразата, оставајќи само најтенка нишка на своето сеќавање, така што можете да зборувате за минатото и, низ клучалката, да видите многу од она што не сте можеле да го видите порано.“
Всушност, не се работи за објективноста, тежината или големината на страдањето, не се работи за тоа колку е некој јак или слаб, туку се работи за тоа колку некој е внесен во сопственото душевно страдање и, потоа, колку и дали воопшто тоа може да го издржи. Така, Кирил Манасиев во текстот со наслов „Убиецот“ пишува за страдањето од нечиста совест и неможноста тоа страдање да се издржи. Имено, главниот лик во расказот, младото момче Владимир Розанов, за пари од врховизираната ВМРО на Ванчо Михајлов прифаќа да изврши убиство на, за него сосема непознат човек, маркиран како предавник на „македонското ослободително дело“. Розанов тоа и го прави, но, како што толкува Васил Тоциновски, кој го пренесува и анализира расказот на Мансиев, „со тоа го сторил и чинот на самоубиство, зашто крвавите пари не ја носат личната среќа и иднина.“ Набрзо се покажало дека Розанов го убил таткото на својата љубена девојка и со тоа, всушност, си ја запечатил и сопствената судбина, оти „текот на свеста и совеста е глас кој самообвинува и самоуништува.“
Најодзади, да го пренесеме предупредувањето на Роберт Бартон: „Несреќници, надевајте се; среќници, бидете на штрек.“ Овие зборови потребно е да ги имаат предвид не само оние што душевно страдаат, туку, уште повеќе, оние што на друг, безмилосно и бесчувствително му нанесуваат душевна болка, бидејќи го искористуваат, со што го понижуваат и му го газат човечкото достоинство. Тие злобни души секогаш нека бидат подготвени за одмаздата произлезена од болката на страдалниците. Оти, тие душеубијци, треба да знаат дека ништо на овој свет не е постојано и вечно, туку дека нештата го менуваат своето значење како што „ќе дувне ветерот на судбината“. А, тој ветер постојано дува, биле или не биле ние свесни за тоа. Па така, среќата се претвора во несреќа, богатството во сиромаштија, ороспијата во дама, а дамата во ороспија, младоста во старост, здравјето во болест… И, секако, таквите циници нека знаат дека ништо друго на овој свет не се здобива со поголем презир, со презир во полна и вистинска смисла, отколку човек што го презира страдањето на другите луѓе.
(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“,Аз-Буки, Скопје, 2012.)

Сподели: