ЗА СЛОБОДАТА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

„Слободата е секогаш слобода за поинакво мислење.“     Роза Луксембург

Едно е јасно – живееме време во кое постои сѐ помалку и помалку слобода! Пред сѐ, со модерните техники за пропаганда и перење на мозоците, постои сѐ помалку можност слободно да се мисли. Најверојатно затоа денес луѓето наместо слободно да мислат и да бараат ослободување на мислата, која фактички им е контролирана и насочувана, тие бараат слобода на говорот, која слобода е бескорисна без слободна мисла. Од овие причини, иако може да е непрецизна и нецелосна, сепак, мислата на Роза Луксембург ја употребив како мото на овој текст. Но, можеби требаше да го употребам поширокото и појасно укажување на Лудвиг Фоербах: Кој нема разум, може да се заведи, да се заслепи и од други да се употреби како средство. Слободен и независен е само оној кој мисли! Настрана од овие укажувања, коректно е веднаш да кажам дека, фактички, постојат многу дефиниции за слободата, од кои може да се заклучи дека луѓето имаат различна претстава за неа. Со големо право Абрахам Линколн велел декасветот никогаш немал добро дефиниран збор слобода

Со сета скромност што е потребна при расправањето за еден термин за кој нема општоприфатена дефиниција и за такво отворено прашање за кое постојат различни мислења, мене ми се чини дека значењето на слободата во денешно време е крајно редуцирано, односно сведено само на некои индивидуални и национални права. Никој, или скоро никој, повеќе не заборува, на пример, за економска слобода, или за социјална слобода…  

Воопштено, слободата означува состојба во која субјектот, поседувајќи способност за одредување на целта и на средствата таа да се постигне, може да дејствува без присила и забрани. Оттаму, слободата може да се определи и како состојба во која не постои нужност! Така сфатено, тоа е апсолутна слобода, а поимот апсолутно слободен значи ослободен од било какви обврски, услови и ограничувања. Затоа, слободата е самоодредување и самоостварување на човекот, а ропството е одредување и остварување по волјата на друг. /Атанас Вангелов, Одговорноста, Пулс 3 ноември 1995 г./ Некои тези велат дека слободата се состои во постоење или непостоење на избор, односно можност за одбирање на вакво или инакво однесување, можност за бирање меѓу доброто или злото. Заради тоа, на пример, Џон Актон во делото Историја на слободата, смета дека слободата значи владеење на совеста

Но, една работа мора јасно да се подвлече: во практиката, апсолутна слобода не постои и не може да функционира. Во прашање е тоа што секогаш постојат нешта што го ограничуваат однесувањето на секој човек и однесувањето на групи на луѓе. Детерминизмот е природна состојба на светот, односно во светот постои нужна обусловеност на сите појави од некакви причини. Оттаму, слободата не може да биде беззаконска и безусловна, туку таа е причинска. Поаѓајќи од ова, мислам дека за да постои слобода мора да пости и автономија (од грч: αυτός=сам и νόμος=закон) на човекот, во која преку разумот, тој си определува граници и принципи врз кои и според кои дејствува. Всушност, луѓето, како умни суштества, си ја поставуваат слободата како идеално барање кон која непрестано се стремат, а нивната слобода е ограничена од физичките и општествени закони кои постојат независно од нив и моралните норми кои го поседуваат.

Но, се чини, настапи време во кое малку се размислува за слободата како важна и комплексна категорија, а на мнозинството луѓе им е помило да се одрекнат од својата слобода и да живеат во мирно и сигурно ропство во кое ќе заработуваат за пристоен живот. Притоа, ги забораваат укажувањата на Жан Жак Русо, дека, кога ќе се откажат од слободата, значи дека се одрекнуваат од своето човечко достоинство, дека се одрекнуваат од своите човечки права и, во крајна линија, од своето својство на човечност. И, што е уште полошо, во целата оваа ситуација: Среќните робови се најлути непријатели на слободата./Марија фон Ебнер-Ешенбах/ 

Затоа денес со право може да се постави прашањето: За која слобода толку често се зборува? Ако е тоа онаа слобода која се дефинира како избор меѓу две или повеќе опции, тогаш што може денешниов просечен човек да избира, кога е ставен во ситуација да биде единствено слуга на профитот, во ситуација во која чувствува константна егзинстенцијална несигурност и, оттаму, константно очајување како доминантна психолошка состојба? Која слобода постои за огромното мнозинство на луѓе, кога се ставени скоро во безалтернативна ситуација на бескрајна трка по имотност, пари, моќ? За која слобода денес се зборува, кога таа целосно е ограничена во sub lege libertas (слобода во границите на законот) и сведена на декларативните категории човекови и граѓански права, а во стварност, законите се само инструмент на малкумина владеачи и привилегирани богаташи? Па на кого уште не му е јасно дека слободата на човештвото е далеку не само од вистинската слобода, туку и од можната слобода? Всушност, кога само малку ќе размислите, веднаш ќе согледате дека светот живее во екслузивни општества во кои полната слобода ја уживаат само оние што се еднакви по богатство.

Фактички, денес огромното мнозинство од човештвото е ставено во ситуација да дејствува императивно! Императивите, пак, за оние што не знаат, се притисок, принуда за волјата, тоа се оние нешта кои ги тераат луѓето да дејствуваат онака како што мораат, а не онака како што сакаат. Воопшто не е случајно, што една од најупотребуваните глобалистички пароли е онаа што гласи: Парите се слобода! Таа, всушност, значи дека слободата е ограничена со императивот пари, односно за да се избориш за сопствената слобода, треба некого друг да направиш роб, да го впрегниш да работи и заработи пари и за него и за тебе. Така, стигнавме до тоа денес да биде нормално слободата да се продава и купува. Веројатно, оваа парола за парие и слободата е една од најневистинитите пароли на глобализмот, но функционира врз принципот: колку заблудата е поголема, толку е поприфатена, а само малкумина се оние што ја доведуваат во прашање. Сепак,  потребно е сите да имаат на ум дека ако ја продадат, макар само и делумно, својата слобода, за некакви пари, привилегии, безбедност…, тогаш, во стварност, загубиле повеќе одошто што добиле. Оти, не може да се надомести кога некој е ограничен, кога ги загубил можностите да ги искаже сопствените чувства и сопствената креативност, кога, фактички, се обезличил како личност, односно кога се отчовечил. Во овој контекст, веројатно, приближно највистинската дефиниција за слободата, во денешно време, е онаа во делото Лејла и Меџнун, на најголемиот средновековен персиски поет Низами: Слободен е оној што повеќе не е алчен. 

Целото прашање за слободата, во денешно време, може да се разгледа и во контекст на она што се дефинира како сексуална слобода. Притоа, добро е да се знае дека тоа е само еден мал дел од севкупната слобода, а според релевантни стручни укажувања во психологијата, таквата слобода не носи среќа и многу често оние кои ја практикуваат страдаат од тешки невротични судири и симптоми. /Ерик Фром/ Се смета дека оние што практикуваат начин на живот со неограничена сексуална слобода, всушност, се обидуваат да ги избегнат проблемите што ги имаат во љубовта и се обидуваат да ја сокријат својата неспособност да љубат.  

И, на крајот, зарем денес можеме да зборуваме за слобода, кога некои големи и моќни преземаат крвави воени операции за потчинување на други народи и држави, а тоа го вршат проследено со планетарна идиотска пропаганда дека се ослободители? Зарем, мислат дека човештвото не знае дека, ако некој навистина е поробен, тогаш само сам може да се ослободи. И, дека вистински слободни се само оние кои сами се ослободиле! Дека е така, меѓу многубројните примери, убаво може да послужи оној на Византија. Имено, во V век, Византиското Царство непрестано било изложено на напади од страна на разни варварски племиња. За заштита и одбрана, како платена војска, биле ангажирани некои германски варварски племиња. Меѓутоа, некои од војсководачите на овие платени војници, толку се осилиле што фактички владееле со Византија. За отстранување на Германите и ослободување од нивната власт, императорот Лав I во Цариград го повикал воинственото малоазиско племе на Исавријанците. По доаѓањето во Цариград, водачот на Исавријанците, Тарасикодис го зел грчкото име Зенон и се оженил со најстарата царева ќерка Аријадна. Набрзо, Исавријанците го отстраниле германскиот притисок врз Византија, но, како што објаснува Георги Острогорски во капиталното дело Историја на Византија: барајќи лек од германскиот притисок, Византија примила исавријански противотров. Средството дејствувало, но од своја страна се покажало премногу силно, па почнало да го труе државниот организам. Тоа значи дека извојуваната слобода од друг, за Византијците не била никаква слобода, туку ново и уште полошо ропство. Зенон како совладетел на својот малолетен син Лав II, петнаесет години владеел преку жесток терор, а Византиското Царство станало сцена на крвави пресметки на разни војсководачи на Исавријанците. Византија успеала да се ослободи од ослободителите дури по смрта на Зенон (во 491 година) и низа крвави и тешки борби со преостанатите војски на Исавријанците водени до 498 година.  

 При крајот, во еден ваков текст, редно е да се кажат и неколку збора за она што се нарекува историја на слободата. Таа може да се разгледува на разни начини, но за мене најприфатлив е оној кој поаѓа од констатацијата на американскиот претседател Вудроу Вилсон, дека историјата на слободата е историја на отпорот. Меѓутоа, оваа дефиниција сметам дека треба да се надополни со укажувањето дека не само историјата на слободата, туку, во голема мерка, севкупната историја е историја на обидите да се ограничи или одземе слободата и на обидите за ослободување, односно на реализираните слободи. Оттаму, иако не е единствена историја, сепак, мислам дека историјата на борбата на човештвото за поголема слобода, секако, е најважна историја. Или онака како што сето тоа го дефинирал Хегел: Историјата на светот е напредување на свеста за слобода. 

Секако, ако најголем дел од светската историја е историја на борбата за слобода, тогаш, заради огромниот број на случаи, не само што не е во ред да се истакнуваат индивидуални примери на отпор против одземањето или ограничувањето на слободата, туку на ваков ограничен простор никако не може ниту да се набројат организираните масовни движења на отпор, а притоа да се зачува и минимална коректност. Секако, редно е да нагласиме, отпорот против ропството и борбата за слобода се многубројни и во македонската историја и, всушност, тие го претставуваат најголемиот и најважниот дел од минатото на македонскиот народ. Илинденското востание и Националноослободителната и антифашистичка војна со која се извојува национална и социјална слобода и македонска држава, се најмаркантните примери во овој контекст.  

На крајот, бидејќи слободата е највисок закон, кој е ограничен само со поголема слобода/Актон/, а во ситуација, кога секојдневно сѐ повеќе и повеќе ја губиме слободата и светот е пред опасност сиот да биде претворен во Гватанамо, тогаш потребно е секогаш да се имаат предвид зборовите на англискиот писател и афористичар, Чарлс Калеб Колтон дека:Слободата не може да се спушти до луѓето; луѓето мораат да се возвишат до неа; тоа е благослов кој најпрво треба да се заслужи, а потоа во него да се ужива.

 

(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“ од 2012 година)