Вести Македонија Топ теми

Заев: Во Македонија владее оптимизам од подадената рака од меѓународната заедница

Сподели:

Има голема потреба од формирање рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан, кон што е силно определена новата влада на Република Македонија, а постои и голема потреба не само од реформи, туку и од фокусиран забрзан реформски напредок, рече премиерот Зоран Заев за време на неговото обраќање на самитот за Западен Балкан во Трст.
– Знам дека граѓаните на Македонија се изморени од долгогодишната стагнација. Но, сакам да го споделам и оптимизмот во нашата држава, што го заменува тој замор. Тој оптимизам е резултат на видиците што ги отворија демократските промени во Македонија, но и подадената рака од Брисел и меѓународната заедница, кои тоа го препознаа и ги отворија вратите за Република Македонија. Тоа се врати на перспективи за граѓаните на Македонија, на верба и на надеж дека ова е моментот што не смее да се испушти. Ова е шансата за напредок. И ние тоа го имаме предвид – изјави Заев.
Пред лидерите на земјите од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, како и шефови на држави членки на ЕУ, Заев потенцираше дека постои политичка волја кај владата на Република Македонија да ја поддржи и да ја прифати Агендата за поврзаност на регионот.
Тој додаде дека Македонија ќе работи на унапредување на владеењето на правото и доброто управување.
– Длабоката и долгогодишна политичка криза, предизвикана токму од непочитувањето на овие базични обврски, ни покажа дека тоа е и потреба за граѓаните кои имаат уставно право на правда и почитување на нивните слободи и права. Ве уверувам, Македонија може да биде и ќе биде кредибилен партнер на ЕУ во регионот, а тоа ќе испрати и нова мотивирачка порака за целиот Западен Балкан, затоа следете нè и поддржувајте нè. Потребна ни е вашата помош и поддршка – рече Заев.
Македонскиот премиер потенцираше дека Македонија ќе остане цврст партнер во справувањето со предизвиците во борбата против тероризмот, илегалната миграцијата, радикализацијата и мигрантската криза.
По обраќањето, Заев заедно со премиерите од Западен Балкан го потпиша Договорот за транспортна заедница.

meta.mk

Сподели: