Вести Македонија

ЗАМП: Министерството ја замајува јавноста, единствено авторите може да ја отповикаат забраната

Сподели:

 

zamp2На Министерството за култура му беа потребни 43 дена за да донесе Решение со кое, како што се наведува, „се запираат од извршување Одлуката на Собранието и на Управниот одбор на ЗАМП за Забрана за радиодифузно емитување на авторски музички дела“ и „се ставаат вон сила издадените дозволи од ЗАМП на ТРД за јавно емитување на авторски музички дела по пат на радио-дифузно емитување“. А се што смислија за тоа време е уште еден очаен чекор кој не се потпира на ниту еден правен аргумент ами единствено на аргументот на силата, реагираат од Здружението за заштита на авторските музички права ЗАМП, а по решението на Министерството за култура заукинување на забраната на ЗАМП.

Ви ја пренесуваме реакцијата на ЗАМП во целост:

„Авторите чии права ги штити ЗАМП не се изненадени од ова најново незаконско постапување на надлежен државен орган. Само се прашуваат до кога Министерството ќе јава на беззаконието, за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата за свои партнери! А за да си ги прикрие грешките и пропустите на кои постојано им укажуваме, сега е подготвено да ги жртвува и радиодифузерите, зашто бесправно им советува да не ја почитуваат забраната за емитување музикa

Ајде редум.

Во Решението за запирање од извршување (кое е без образложение – голо и босо), Министерството за култура се повикува на Записник за извршен надзор во кој пак, се повикува на одредбата од чл.157 ст.1 од Законот за авторските и сродните права (ЗАПСП) со кој е предвидено доколку во спроведување на надзор над акти на организации Министерството за култура оцени дека не е во согласност со Законот, Статут или акт за основање, ќе донесе Решение со кое ќе го запре од извршување И ЌЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ПРЕД НАДЛЕЖЕН СУД ЗА ОЦЕНА НА ЗАКОНИТОСТА НА АКТОТ. Министерството повторно прави намерна „грешка“ и не поведува постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот туку, спротивно на законот, упатува тоа да го направи ЗАМП. Иако тоа е од формален карактер, истовремено укажува дека при постапувањето Министерството имало намера и тенденција за повреда на закон. Записникот за извршен надзор кој е во прилог на Решението, изготвен е спротивно на одредбата од членот 65 од Законот за општа управна постапка во просториите на МК, а не во просториите на ЗАМП, со потписи само на вработени лица од Министерството за култура. Во записникот се ТВРДИ ДЕКА ЗАМП не штити морални права согласно чл.21 од ЗАПСП, бидејќи како што толкува, колективното управување се однесувало на заштитата само на материјалните права на авторските музички дела. Притоа премолчуваат или незнаат дека според членот 129 од ЗАПСП носителите на авторското право можат да ги остваруваат лично (преку застапник) или колективно преку Организација за колективно управување сите права определени во истиот закон. Тоа значи дека ЗАМП ги штити и моралните права.

Авторите во ЗАМП знаат, а Министерството за култура има проверено и потврдено, дека авторите имаат потпишано договори со кои е пренесено остварувањето и грижата за остварувањето на моралните и материјалните права.

За да изгледа позастрашувачко, зашто правото не му е силна страна, Министерството за култура бесправно се повикува и на одредбите од чл.63, 65 и 74 од ЗАПСП со оглед на фактот дека во моментов не се склучени договори со трговските радиодифузни друштва за јавно соопштување на авторски музички дела и овие одредби ама никако не наогаат примена во конкретната ситуација.

Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејствија за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против Решението на Министерството за култура. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП се додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават вон сила забраната за јавно емитување музика.

Потсетуваме дека остануваат во сила и забраните што ги донесоа колективните организации од Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора.

Наместо бесправните и јалови сплетки со кои се занимава, потсетуваме на неколку законски обврски што е должно да ги направи Министерството за култура:

-Согласно чл.135-б од ЗАПСП, тоа има надлежност да даде мислење во врска со непостоењето согласност помеѓу ЗАМП и СОКОМ МАП за одржувањето на системот за електронска евиденција, купен со пари на авторите во ЗАМП. Министерството за култура беше должно тоа да го донесе во рок од 30 дена, а оттогаш поминаа повеќе од четири месеци.

-Согласно член 135-д од истиот закон, Министерството има обврска да изготви правилник во кој ќе го опфати описот и техничките карактеристики на системот за електронска евиденција. Тоа до денес не е направено.

-Министерството за култура, согласно чл.149 ст.5, а по предлог на Комисијата за посредување, е должно во рок од 30 дена да определи организација која ќе се смета за овластена за прибирање надоместоци за користење на авторски дела. Од тој рок се поминати повеќе од четири месеци.

-Согласно чл.150 ст.5 Министерството е должно да донесе решение за одземање на дозвола за колективно управување на организацијата СОКОМ МАП, бидејќи таа Организација во рок од 6 месеци од влегување во сила на решението за давање дозвола за колективно управување не донесе Правилник со Тарифа за наплата на авторски надоместоци. СОКОM МАП има добиено Решение за колективно управување кое е објавено во „Службен весник“ на 19.04.2016 година, а согласно Законот тие акти требаше да ги објави најдоцна до 19.10.2016 година. Согласно Законот, Министерството за култура МОРА да ја одземе Дозволата на СОКОМ МАП и да го испочитува ЗАПСП.

Поради основани сомневања за несовесно вршење на служба и злоупотреба на службената должност, против одговорните лица во Министерството за култура ЗАМП поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство.

Решението за запирање од извршување на одлуката со која се забрани јавно емитување домашна музика е непримерен обид на Министерство за култура да ги сокрие сопствените непостапувања согласно ЗАПСП. Откако, по сите контроли што ги направија и уште ги прават, не успеаја да најдат криминали (како што изјавуваа) и неправилности, откако не успеаја да ги поделат авторите (иако не престануваат да го поттикнуваат тоа), неспособни да најдат конструктивно решение, се подготвуваат да го жртвуваат ЗАМП и по 70 години авторското право да го вратат на почетоците. Затоа македонските автори се единствени во одбраната на своите неприкосновени права“, се вели во реакцијата на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП – Скопје.

radiomof.mk

Сподели: