Затворено избирачкото место во Теарце, официјални резултати по 21 часот

Сподели

Гласањето на избирачкото место 2011 во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ денеска во Теарце заврши мирно и без поголеми проблеми. Неофицијално на гласање излегле 402 лица, што е за две лица помалку од гласањето на 11 декември.

Првичните резултати од прегласувањето ДИК ќе ги соопшти вечерва околу 21.30 часот.

Од Општинската изборна комисија рекоа дека гласањето се одвивало во демократска атмосфера, а како единствен пропуст со гласањето го посочија прекинувањето на гласањето неколку минути пред 9 часот утринава поради дефект на УВ ламбите.

Од невладината „Цивил“, укажаа на неколку мали недостатоци кои ги вршеле членови на избирачкиот одбор.

– Претставници на избирачкиот одбор често пати го прелистуваа избирачкиот список, а исто така премногу ги користеа и нивните мобилни телефони. Тоа е недопустливо за време на изборниот процес. Исто така според наши сознанија вратени се 40 лични карти на избирачи кои што претходно им биле одземани со поткуп за да не излезат на гласање – вели претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.

Во селото Теарце денеска се забележуваше големо присуство на полиција која се однесуваше коректно во текот изборниот процес.

meta.mk