Вести Македонија

ЗНМ го врати Ванхојте во Скопје

Сподели:

На покана на Здружението на новинарите на Македонија, неделава во Скопје престојува европскиот експерт Питер Ванхојте, кој во рамките на разговорите на партиите за решавање на политичката криза, изготви предлог за медиумски реформи. ЗНМ го покани Ванхојте со цел да му се заблагодари за неговиот придонес во изготвувањето на предлогот за медиумски реформи и да се искористи неговото искуство за лобирање кај новата влада за спроведување на тие предлози.

Денеска претставници на ЗНМ и Ванхојте имаа одвоени средба со министерот за Информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и со претставници на американската амбасада.

Во текот на престојот во Скопје Ванхојте ќе има средба со претставниците на ЗНМ и на Новинарскиот форум, со дипломатскиот кор како и со владини претставници.

Утре претпладне е предвидена заедничка  средба со премиерот Зоран Заев, на која ќе се разговара за потребата за медиумски реформи во Македонија.  По средбата со Заев, Ванхојте и претставници на ЗНМ ќе одржат прес конференција, на која ќе ги споделат впечатоците за престојниот процес на медиумски реформи.

На крајот од својот престој во Македонија поранешниот европски посредник и претставниците на ЗНМ ќе оддржат заеднички брифинг со претставниците на дипломатскиот кор во Скопје, на кој уште еднаш ќе се потенцира потребата за реформи, какви што предвидува предлогот што произлезе од разговорите со партиите.

Сподели: