Вести Македонија

ЗНМ: Се бара одговорност за непрофесионалното известување на МРТ

Сподели:

Членот на Програмскиот совет на Македонската радио телевизија, номиниран од Здружението на новинари на Македонија, Ведат Мемедалиу, минатата недела побара итна седница на Програмскиот совет, на која треба да се расправа за начинот на кој јавниот радиодифузен сервис известувал за насилствата во Собранието на 27 април. На седницата ќе се бара отчет од раководството на МРТ и од одговорните уредници на сите програмски сервиси во Телевизијата и Радиото за непрофесионлното известување за инцидентите.

Ваквото барање на Мемедалиу за итна седница следи по дописот што до Програмскиот совет на МРТ го упати Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој Агенцијата бара да се провери дали јавниот сервис критичниот ден известувал согласно принципите превидени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во дописот АВМУ го повикува Програмскиот совет на МРТ да ги исполни законските обврски во заштита на интересите на јавноста во поглед на програмските содржини и да го разгледа известувањето на МРТ во врска со случувањата во Собранието.

Според Агенцијата, Советот на МРТ има обврска да го следи исполнувањето на програмските обврски, начела и стандарди во МРТ, како што е обврската на јавниот сервис да обезбеди постојано, вистинито, целосно и непристрасно информирање за сите важни политички и други настани во земјата.

Освен тоа, Членот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги Зоран Фидановски, кој е номиниран од ЗНМ, на седницата од петти 5 мај, ја поздрави реакцијата на АВМУ за иницирање на расправа за однесувањето на МРТ во врска со инцидентите во Парламентот, во кои меѓу другото има повредени 20 новинари и членови на известувачките екипи. Фидановски најави дека ЗНМ ќе побара одговорност од раководството на МРТ за ваквото непрофесионално известување на јавниот сервис за време на критичниот ден.

Според најавите, седницата на Програмскиот совет на МРТ треба де се оддржи утре во 14 часот во просториите на Македонската радио телевизија.

Сподели: