Зоран Ставрески поднесе оставка

Сподели

zoran-stavrevski-se-drzi-za-glava

Министерот за финансии и вицепремиер во Владата, Зоран Ставрески поднесе оставка, официјално поради здравствени причини.

– Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, истакнува Зоран Ставрески во оставката.

Инаку, Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии.

– Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар, ентузијазам, одговорност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза, пишува Ставрески.

Тој во оставката се заблагодарува за, како што вели, плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше 9 години.

– Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати  за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции, истакнува Зоран Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за, како што вели, доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

Ставрески беше една од главните ѕвезди во „бомбите“ на Заев, каде низ разговорите со екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, граѓаните можеа да слушнат многу детали за работата на власта.

-Ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови…Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние – беше една од најцитираните изјави од „бомбите“.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев во однос на оставката на Ставрески во име на Владата на РМ изјави дека заради лични здравствени причини, вицепремиерот Ставрески поднесе оставка на функцијата министер за финансии и вицепремиер на Владата.

– Причините се наведени во текстот на неговата оставка и ние тоа го разбираме и почитуваме. Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот Ставрески за неговата работа, за ангажманот и придонесот кој тој го оствари во реализација на владините мерки, програми и политики, за што сведочат неговите постигнати извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје и надминување на предизвиците со кои се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој, рече Ѓорѓиев.

МИА дознава дека на позицијата нов министер за финансии премиерот Димитриев ќе го предложи  актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски.

Тој има 17-годишно искуство во областа на финансии, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси. Има 13-годишно искуство во работењето на една од водечките светски консултантски компании Booz Allen Hamilton во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење/развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање поволно деловно опкружување.

Миновски поседува и искуствo во работа на државните институции. Пред раководењето на Управата за јавни приходи, тој во периодот мај 2014 – ноември 2015 беше прв човек и на Државниот пазарен инспекторат.

Претходно бил ангажиран како менаџер на компоненти во рамките на УСАИД, како и повеќе други проекти од оваа организација, поврзани со подобрување на конкурентноста, извозот, банкарскиот сектор.

МИА дознава дека премиерот Димитриев ќе направи ротација и на позицијата на заменик министер за надворешни работи, односно дека ќе биде побарано разрешување и на заменик министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска, а на нејзино место премиерот Димитриев ќе го предложи Илија Исајловски, кој е дипломат од кариера со богато искуство во меѓународни организации и разивање дипломатски односи. Во Министерството за надворешни работи Исајловски е вработен во 1996 година. Тој извесен период работи и во одделението за политички билатерални односи со државите од Западна и Централна Европа, како и амбасадор на Р. Македонија во Украина, Руската Федерација и е актуелен амбасадор во Народна Република Кина, од каде ги покриваше и ДНР Кореа, Виетнам, Кралството Тајланд и Монголија.

Се очекува во текот на утрешниот ден Собранието на Република Македонија да расправа и да ги констатира за оставките, по што ќе бидат именувани новиот министер за финансии и заменик министер за надворешни работи.

пренесено: libertas.mk