Вести Свет

Започна самитот „Миграции долж Балканската рута“ во Виена

Сподели:

thumbs_b_c_c2ccc8d23b13171314a37cb8a908f750

ВИЕНА (АА) – Во Австрија, во главниот град Виена започна самитот со наслов „Миграции долж Балканската рута“, на кој учествуваат лидери од 11 држави, јавува Anadolu Agency (AA).

На самитот учествуваат лидери од Австрија, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Хрватска, Србија, Словенија, Украина и од Романија. Како претставници на ЕУ учествуваат претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и одговорниот член на комисијата на ЕУ за миграција, внатрешни работи и државјанства, Димитрис Аврамопулос.

Туск, во изјава за медиумите, пред почетокот на состанокот потенцираше дека радикалното решение лежи во строгата контрола на надворешните граници на ЕУ, а дека за ова е потребна тесна соработка со балканските држави и Турција.

Туск изјави дека на состанокот ќе се зборува за тоа како да се дојде до ефективна соработка. „Потребно е политичко и практично ратификување на затворањето на западната балканска рута за илегална миграција“.

Аврамопулос, пак, посочи дека има потреба од заеднички и европски пристап кон заканите од миграциите, и додаде дека е сигурен оти денес на состанокот ќе се демонстрира солидарност по ова прашање.

Тој потенцираше дека покажувањето солидарност кон луѓето кои се во безизлезна состојба значи човечност.

„Солидарност не значи секој да прави што сака. Солидарноста и одговорноста се темелни вредности и принципи. Тоа не се само морални вредности, туку истовремно се и правни принципи произлезени од договорите на ЕУ“.

На состанокот се очекува фокусот да биде во насока на преземање конкретни чекори со цел да се превенира миграциската криза, со контрола на границите на ЕУ, како и покажување поголема солидарност со барателите на азил.

По самитот кој се одржа во Братислава, Словачка, на 16. септември, беше објавена декларација за поголема заштита на границите на ЕУ, како и за зголемување на солидарноста меѓу државите-членки на ЕУ.

Сподели: