Колумна Текстови

Сподели:

Александар Литовски
ГЛЕДАМЕ…
“Десет полни години гледавме озаконет грабеж, гледавме современо-античка маскарада и врховистичка национална травестија, гледавме толпа лажни верници кои се претставуваат како големи (демо)христијани и кои проповедаат верба во Бог и семејни вредности, а истовремено фарисејски блудничат и практикуваат најболни перверзии.”

Со сопствени очи гледаме владеење на обични криминалци, насекаде гледаме измами и грабежи, гледаме како стравот и корупцијата се шират на сите страни, а земјата и народот пропаѓаат во беда и мизерија. Гледаме, за жал гледаме големо мнозинство наши луѓе како со „песна“ одат на идиотски контрапротести, или со „насмевка“ итаат кон „доручек на мостот“, или послушно чекаат во редови да потпишат моронска „петиција против велепредавството…“ Сето тоа, всушност, се некои грди метафорички слики за масовно и брутално изгазеното човечко достоинство и уништената морална вертикала во нашето општество, слики кои за жал нè информираат за непоткупливата вистина дека свеста и совеста на македонскиот човек се загубиле во бескрајните пропагадни тормозења од медиумските труби на власта.
Присуствуваме, катадневно, на сцени во кои беше и е „нормално“ најголемите кривоклетници да ни проповедаат „држење за зборот“, најголемите идеолошко-политички конвертити да ни зборуваат за политичка доследност, најзлобните изроди да ни зборуваат за добрина и милосрдие… Сведочиме како на темелите поставени врз пропаѓањето на многу македонски граѓани и врз урнисаните ѕидови од државата, многумина на Водно ги изградија своите вили со високи бетонски огради и ги отворија своите сметки во Белизе, Хонг Хонг и во слични „слободни“ зони.
Оваа наша портокалова дружина од алчни предатори, кои нема мерка ниту во грабежот, ниту во празната демагогија, ова наше општествено и политичко ѓубре кое нема ниту ронка морал, овие наши инфантилни глупаци кои непрестано ги преџвакуваат истите две-три државотворни фрази, така темелно нè осиромашија и уназадија, што ќе ни требаат многу години од нашите животи за да се соземеме и да фатиме приклучок, не со развиените земји, туку со нашите соседи. Десет полни години гледавме озаконет грабеж, гледавме современо-античка маскарада и врховистичка национална травестија, гледавме толпа лажни верници кои се претставуваат како големи (демо)христијани и кои проповедаат верба во Бог и семејни вредности, а истовремено фарисејски блудничат и практикуваат најболни перверзии.
Гледавме и слушавме како расипани свештеници, потпросечни интелектуалци и новинарски пискарала се лигават на јавната сцена и своето незнаење ни го продаваат како врвна мудрост, гледавме како болни лажговци сеат меќава од невистини, како нè полеваат со дожд од вербални трикови, а во сиот тој вител од украдени пари, лажна вера, фалсификувани историски сведоштва и пропагадни глупости дојдовме во ситуација да дезертира не само човечката свест, туку и човечката совест. Десет години гледавме, за наша жал, како се остваруваат најболните градителски соништа на група на луѓе кои немаат ништо заедничко ниту со архитектурата, ниту со урбанизмот, ниту со уметноста, ниту со патриотизмот… И, за сето тоа време слушавме дека никој од властодршците не е виновен за ништо, односно не видовме никој да понесе некаква одговорност, ама затоа се изнаслушавме небулози дека за сите грди и лоши работи се виновни странски служби, домашни нихилисти и увезени анархисти.
Ние, за жал, веројатно нема да најдеме доволно ум, разум и зборови за да успееме на идните генерации да им оставиме веродостојни сведоштва од кои ќе може да сфатат што навистина сме виделе и што ни се случуваше во десетгодишното криминално време во Македонија. Сепак, наспроти ваквата стварност, мора да се знае и да се има предвид дека многупати низ историјата на човечкиот духовен развој се покажало дека одот на нормалната памет е, всушност, необично бавен и дека човечката мисла мачно и напорно се пробива низ мрежата од глупости, лаги, измами, кои во форма на таканаречени пропагадни, политички, религиозни или „научни“ уверувања го следат човештвото како сеништа.

Сподели: