Вести Македонија

Сподели:

Inzulín
Дијабетичарите бараат да престанат притисоците врз лекарите да препишуваат неквалитетен инсулин и да се набават доволно игли и глукомери.

Болните од дијабетес се жалат дека државата последниве две години драстично штеди на инсулинот кој им е потребен за да преживеат и бараат да се решат нивните проблеми. Тие бараат единствен услов за набавка на инсулин во тендерите да не биде само цената, туку и квалитететот на лекот.

Повеќе од десет здруженија на дијабетичари од земјата денеска побараа да престанат притисоците врз лекарите да препишуваат неквалитетен инсулин со цел да се заштеди и да се набават доволно игли и глукомери.

– Доколку овие барања не се исполнат ние сме спремни да кампуваме пред Министерството за здравство – рече Цвете Серафимовски, претседател на Баланс МК асоцијација за детски дијабетес во Македонија.

Тој истканува дека количините на инсулин се празнат веќе во првата недела од месецот и ако појдете да земете инсулин после седми во месецот, за голем дел од инсулините веќе нема количини.

– Се случува да ве вратат назад и да ви речат да се вратите за три дена. Тоа на сите ни се случува. Не се води грижа како пациентите ќе го поминат периодот додека немаат инсулин. Набавката на евтин инсулин по секоја цена е голем проблем – вели Серафимовски.

Единствен услов за набавка на инсулинот сега е цената. Инсулинот мора да се чува во одредени услови за да биде ефикасен, во спротивно го губи дејството.

Квалитетот на глукомерите, пак, е проблем веќе две години. Од Националната комисија за дијабетес велат дека глукомерите ги имаат сите сертификати, но тие не функционираат. Бројот и квалитетот на иглите кои се даваат исто така е проблематичен. Иглите многу често се затнуваат. Се даваат по дваесетина игли месечно, а тие треба да се менуваат на секое боцкање. Во текот на денот минимално еден човек со дијабетес се боцка три пати, а сега 20 игли се користат за 90 боцкања.

Наташа Деспотовска Димитриевска, која е мајка на четиригодишно дете со дијабетес, вели дека глукомерите со кои мерат шеќер кај децата даваат неточни резултати.

– Едно неточно мерење не само кај дете туку кај секој дијабетичар може да предизвика нешто најстрашно, кома или смрт. Инсулин почна да снемува пред две години. Имаше еден период од два месеца кога немаше воопшто инсулин. Тогаш дијабетичарите преживеаја благодарение на донација од „Ново нордиск“. Да се штеди на здравјето на малечки деца е невидено – вели Деспотовска.

Иво Дукоски од Струга рече дека на состанокот со Националната комисија им предложиле секој дијабетичар кој што сака поквалитетен инсулин, да си го доплати.

– Се плашиме дека ќе го донесат тоа законски – рече Дукоски.

Стефан Јовановски, претседател на здружение на дијабетичари од Куманово, вели дека последните два-три дена претседателот Благоја Димовски им вршел притисоци за да не присуствуваат на овој прес.

– Како резултат на тоа вратите се затворени. Во последните два часа ни откажаа шест претседатели на здруженија – додаде Јовановски.

http://plusinfo.mk/vest/73596/ako-nema-kvaliteten-insulin-dijabeticarite-kje-kampuvaat-pred-zdravstvo

Сподели: