Во јануари минатата година стартуваше ИПАРД 2 мерката која се однесува на инвестиции во руралната инфраструктура.
Од Министерството за земјоделие денеска соопштија дека средствата за ИПАРД 2 не се намалени во однос на ИПАРД 1.
Буџетот е помал и изнесува 60,3 милиони евра, но, покрај оваа сума, на Македонија и се одобрени дополнителни 36 милиони за структурни инвестиции во земјоделството или вкупно околу 100 милиони евра.
Парите од ИПАРД 1, кој беше проектиран на 85 милиони евра за периодот 2007 – 2013 година, се доделуваа година за година, а сега, со ИПАРД 2, рече Костовска, се одобруваат одеднаш. Ако се увиди дека добро ги искористуваме, постои можност да добиеме дополнителни средства.
– Имаме добар напредок во однос на квалитетот на барањата и користењето на средствата, но инвестициите се се уште мали. На нашите земјоделци побарувачката им е за мали инвестиции, во просек по 6.000 евра кофинансирање за примарното производство, истакна Костовска.
Според неа, средствата од ИПАРД 1 засега се искористени само 15 отсто, но до крајот на 2017 година се очекува овој процент да достигне околу 30. Склучени се над 1.000 договори за кофинансирање на 20 милиони евра. Дел од средствата се исплатени, а за дел исплатата е во тек.
– ИПАРД 1 е во завршна фаза, а ќе финишира на 31 декември 2017 година. Веќе нема јавни повици, Платежната агенција ги обработува барањата од последните огласи, склучува договори и исплаќа средства кон крајните корисници.