Tимот на СУГС „Никола Карев“ од Скопје со концептот „Нов иновативен систем за наводнување“ го освои првото место на средношколскиот натпревар „Најдобар бизнис концепт 2022 година“ кој се организираше во рамките на активностите на новоформираниот Центар за извонредност на стручно образование и обука на Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Средношколците добиваат и парична награда од 110.000 денари. Второ награден е тимот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола со проектот „3Д фабрика“, кој добива и 5.000 денари. Третото место го поделија тимовите на СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје со проектот за „Паметно решение за паркинг“ и тимот на СЕПУГС „Арсени Јовков“ од Скопје со концептот за „Еколошки торби“. Овие тимови ќе добијат по 20.000 денари.
Доц. Д-р Трајче Велковски кој е Раководител на ново оформениот центар, а кој воедно беше и член на Комисијата истакна дека за поздравување е фактот што повеќе од 80 % од предложените бизнис концепти базираат на идеи кои ја помагаат зелената транзиција.
„Преку работата на Центарот ќе ги стимулираме сите млади и во средното и во високото образование да бидат креативни и иновативни и да развиваат зелени вештини со цел да се справат со комплексните предизвици на времето кое претстои“, истакна Велковски.
Првонаградениот концепт „Иновативен систем за наводнување“ има функција да го скенира обликот на површината што треба да се наводнува, да ја мери влажноста на почвата и дава согласност за активирање на прскалката доколку има потреба од наводнување на просторот. Со овој производ спречуваме прекумерно наводнување, излевање на вода од зелените површини и испуштање на водни млазници надвор од тревниците. Концептот „3Д Фабрика“ предвидува со примена на најсовремена 3Д технологија да се дизајнираат и создаваат решенија за различни предизвици со еколошки предзнак. „Паметно решение за паркинг“ е креирање на апликација со која ќе можете да се резервира паркинг простор исто како што резервирате маса во ресторан. Резервацијата ќе се изврши со само кликнување на едно копче на апликацијата. Концептот за „Еколошки торби“ предвидува од стара облека која најчесто се фрла во контејнери да се изработуваат торби и ранци за пазарење со различна величина и простор за пазарење.
„Гледајќи ја креативноста, ентузијазмот и посветеноста на учениците својата идеја да ја презентираат на најдобар можен начин пред жирито и публиката, покажаното знаење и иновативност, дефинитивно сите кои учествуваат на натпреварот се победници. И наставниците – ментори кои ги водеа учениците се за секоја пофалба, бидејќи, без нивната поддршка, истрајност и континуирана работа со учениците нема успех“, истакна проф. Радмил Поленаковиќ кој го водеше настанот, потенцирајќи дека Машинскиот факултет е сигурен избор за идните студенти, бидејќи постои дефицит на машински инженери не само кај нас туку и во развиените земји, така што вработувањето по завршувањето на студиите е загарантирано.
Овој натпревар се организира од 2006 година со цел да ги мотивира средношколците да усвојуваат стручни вештини кои ќе ги искористат за развивање на бизнис концепти, со ориентација кон зелена и циркуларна економија, што е фокусот на активност на Центарот за стручно образование и обука и проектот „Гриновет“ во кој покрај Машинскиот факултет од Скопје вклучени се и Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, Раде Кончар ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Оваа година во финалниот дел од натпреварот учествуваа 16 тимови од средните училишта од 8 градови од нашата држава.
Традиционален покровител и ко-организатор на Натпреварот е фондацијата Македонија 2025, а спонзор на натпреварот е компанијата Рамбл од Канада. Во годинешниот натпревар како помагател се вклучи и компанијата „Витаминка“.