Соединетите Американски Држави најверојатно се соочуваат со првите случаи на лица заразени со вирусот зика на домашно тло, сооштиле денеска здравствените власти на САД, пренесува „Би-би-си“.
Загриженоста следи, откако кај четири лица од американската сојузна држава Флорида бил констатиран вирусот, а кој, според информациите, не бил пренесен преку сексуален контакт или за време на патување во регионите каде е присутен вирусот, односно во земјите од Латинска Америка и на Карибите.
Четирите случаи, како што пренесува британскиот национален сервис, ги зголемуваат стравувањата дека комарците во САД сега можат да го пренесуваат вирусот зика.
Вирусот зика кај повеќето луѓе предизвикува благи заболувања, но е многу опасен за новороденчињата, кај кои предизвикува сериозни оштетувањата на мозокот.
Гувернерот на Флорида, Рик Скот, изјавил дека станува збор за тројца мажи и една жена, и дека ниту еден од нив не е хоспитализиран.
Сепак американската Агенција за храна и лекови побарала донациите на крв во двете области во Флорида, каде живеат заболените, да бидат прекинати, а сите претходни да бидат тестирани за вирусот.
Досега во САД се регистрирани вкупно 1.650 случаи на заболени од зика, но случајот во Флорида најверојатно е првиот каде вирусот не е пренесен преку сексуален однос или патување во странство.
Во февруари оваа година, Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи вирусот зика за глобална закана, поради ризикот по здравјето на новороденчињата.