Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска го обвини Западот дека ги поддржува тероризмот и пучистите, што е негов најостар напад од обидот за воен удар во земјата.
– За жал, Западот го поддржува тероризмот и се става на страната на пучистите. Тие што ги сметаме за пријатели, држат страна на терористите – рече Ердоган во говорот на Економскиот форум во Анкара, реагирајќи на критиките на САД и на европските земји за чистките во Турција што следуваа по неуспешниот државен удар.
Ердоган, исто така, ја осуди одлуката на германските власти да го забранат неговото обраќање пред симпатизерите што се собраа во неделата во Келн, нагласувајќи дека Берлин неодамна дозволил еден припадник на Курдската работничка партија (ПКК) да се обрати преку видеолинк.