Њујорк Тајмс: Протечени документи разоткриваат строго следење и цензура во Русија

Сподели

 

Протечени документи од рускиот државен регулатор на комуникациите „Роскомнадзор“ покажуваат како Русија врши дигитално следење на своите граѓани и цензурирање, изедначувајќи се со авторитарните држави како Кина и Иран и дека од основањето на Роскомнадзор во 2008 година, Путин го претворил во систем на шпионажа заради задржување на моќта, пишува „Њујорк Тајмс“.

Весникот анализирал околу 160.000 записи и документи што протекле од Бирото на Роскомнадзор за Република Башкортостан.

„Во четвртиот ден од војната во Украина, рускиот голем следачки и цензорски апарат веќе силно работел. На некаде 800 милји (околу 1.300 километри) од Москва, властите во Република Башкортостан, еден од 85-те региони на Русија, биле многу ангажирани со следење на расположението во коментарите на социјалните медиуми. Давале негативни реакции на Јутјуб постови за коишто велеле дека ја критикуваат руската влада. Ги бележеле и реакциите за еден локален протест“, ја почнува „Њујорк Тајмс“ својата приказна за следењето и цензурата во Русија.

Набрзина дознаваат сѐ

Еден од извештаите за овие активности што весникот ги прераскажува, а е за „дестабилизацијата на руското општество“ посочува на уреднички коментар на еден онлајн медиум квалификуван како „опозиционерски“ кон власта, во кој се вели дека претседателот на Русија Владимир Путин си ги тера своите интереси со инвазијата на Украина. Во извештајот се наведува детално кои се сопствениците на сајтот и каде живеат.

Друг извештај од 28 февруари насловен „Присуство на протестно расположение“ предупредува дека некои искажуваат поддршка за демонстрантите и „зборуваат за потреба да се сопре војната“.

Вкупно околу 160.000 записи од Башкортостан заедно го отсликуваат клучното лице на системот за следење и цензура на Путин, којшто власта го користи за да ги пронајде и следи противниците за да го задуши противењето и да ги потисне независните информации дури и во најзафрлените краишта на земјата, пишува „Њујорк Тајмс“.

Но, Роскомнадзор е само делче од поголема технолошка апаратура што Путин ја има градено низ годините, којашто вклучува и домашен систем за прислушување што снима телефонски разговори и интернет сообраќај, како и онлајн дезинформациски кампањи и хакерски упади во системите на странски влади.

Изгледа дека улогата на агенцијата Роскомнадзор е поопсежна отколку што досега се знаело ако се гледа по документите. Агенцијата се преобразила низ годините од успан телекомуникациски регулатор во „прописна“ разузнавачка агенција што будно следи веб-страници, социјални медиуми и класични медиуми, означувајќи ги како „провладини“, „антивладини“ или „аполитични“.

Илустрација: Факсимил од извештај објавен од Distributed Denial of Secrets

Роскомнадзор ги идентификувал и ги следел луѓето зад антивладините онлајн профили и доставувал детални информации за онлајн активностите на критичарите до безбедносните служби. Тоа било придружено од активностите во вистинскиот живот, во кој следените биле напаѓани за тоа што го кажувале онлајн. Некои биле уапсени и држени во притвор со месеци. Други избегале од Русија од страв.

Разбивање на критички студентски медиуми

Во еден случај што покажува каква еклатантна цензура се спроведува, медиумската организација DOXA, во која работат студенти и неодамна дипломирани, во јануари 2021 објавила видео во кое се повикуваат студентите да проговорат против Путин, а три дена подоцна им стигнал мејл од Роскомнадзор.

Во него се вели дека видеото е додадено во списокот на „забранети информации“ што „ги поттикнуваат малолетниците да учествуваат во активности што се опасни за нивните здравје и животи“. Агенцијата наредила видеото да биде отстрането, DOXA го сторила тоа, но потоа ја тужела Роскомнадзор.

На 14 април 2021 година, во 6 часот наутро, руската полиција упаднала во редакцијата и во становите на четиримина од уредниците. Уредниците добиле домашен притвор и им било забрането да се вклучуваат на интернет. Сепак, веб-страниците не биле блокирани и новинарите продолжиле да објавуваат содржини.

Но, откако почна војната во Украина, во февруари DOXA објавила и водич за „антивоени расправи во семејството и на работа“, што вклучувал и 17 одговори на најзастапените аргументи со кои се оправдува војната. Содржината многу бргу станала вирална и се ширела. Тогаш Роскомнадзор блокирала три веб-страници на DOXA, коишто сѐ уште се офлајн. Некои од луѓето избегале од земјата, други ја напуштиле организацијата стравувајќи за својата сигурност.

Навални постојано „на нишан“

Документите што ги разгледувал „Њујорк Тајмс“ разоткриваат и опседнатост со една од најголемите опозициски фигури, Алексеј Навални. За Бирото на Роскомнадзор во Башкортостан ниту најбеглото споменување на Навални не било небитно. Вработените во агенцијата ги линкувале во извештаите сите статии, постови и коментари каде воопшто било напишано името на опозиционерот. Во месечните извештаи детално ги наведувале сите критики за власта искажани онлајн.

Станува збор за материјали „тешки“ повеќе од 700 гигабајти што во март ги објави DDoSecrets (Distributed Denial of Secrets), група слична на Викиликс.

Системот е создаден да контролира испади како оној од оваа седмица, кога во Русија се протестираше против мобилизацијата на околу 300.000 резервисти за војната во Украина, при што околу 1.200 луѓе б%D