Дваесет загинати во невремето, вонредна состојба во Скопско и Тетовско

Сподели

poplaveno-vozilo-nevreme

Според последните информации, во синоќешното невреме кое го погоди Скопје животите ги загубиле 20 лица, а досега е извршена идентификација на телата на 13 од нив, соопштија денеска по завршувањето на состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

По состанокот беше соопштено и дека во Скопско и во Тетовско кои беа најмногу погодени од невремето, ќе биде прогласена кризна состојба, која ќе трае во наредните 15 дена. Формиран е и кризен штаб, кој ќе ги проценува штетите на терен.

– Потвредено е дека има седумнаесет загубени животи, а во моментов добивме информација за дополнителни три лица со што бројката може да порасне на 20 и се надевам дека тука ќе застане. Сите институции од почетокот на оваа непогода се во постојана активност. Припадниците на специјалните единици на МВР, припадниците на Армијата на Република Македнија (АРМ), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), општините, Градот Скопје, противпожарната бригада, Министерството за здравство и преку итна помош се обидуваат да им помогнат на граѓаните. Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато. Тие беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животозагрозувачка ситуација – изјави Министерот за здравство, Никола Тодоров по состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи.

Тој додаде дека почнале со систематски активности за пребрарување на теренот, во што од 6 часот утринава учестуваат и хеликоптери на безбедносните сили.

– При овие пребарување беа најдени неколку починати лица во рамки на оваа бројка. Фокусирани сме на пребарување на целиот терен и извлекување на оние кои се во загрозениот регион, обезбедување на сместување, храна, вода, испумпување на надојдената вода од поплавените куќи – рече Тодоров.

Најмногу погодени од вчерашното невреме се жителите на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.

Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.

На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата за последиците од вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.

meta.mk