Возило на Итната медицинска помош само што изнесе средовечна жена од нејзиниот дом во населбата Ченто, која, како што раскажуваат членови на нејзиното семејството, во обид да ја избегне поплавата во куќата, од синоќешното невреме, морала да скокне од балконот на првиот кат.
Соседите велат дека состојбата на улицата Алија Авдовиќ била најстрашна. Поплавени се сите дворови и подруми, а водата однела и дел од бетонските огради на куќите. Речиси од секој објект во населбата може да се видат граѓани како со кофи и пумпи ја испумпуваат водата од своите домови.
Главната улица е едвај проодна. Наноси од кал, искршен цемент и бетон има на сите страни. Возилата кои што вчера во екот на невремето биле паркирани по улиците завршиле една врз друга, на крајот на една од споредните улички.
Граѓаните чии што куќи се оштетени и поплавени велат дека досега никој од државните и локаните власти не ги посетил ниту пак понудил некаква помош во расчистувањето на улиците.
На неколку места во населбата има цистерни на комунална хигиена од каде граѓаните полнат чиста вода и се мијат. На почетокот на населбата, во училиштето „25 Мај“ е направен пункт за флаширана вода за пиење.
Одговорните на пунктот велат дека граѓаните доаѓаат да си земат вода, а на оние кои се заглаевни во своите домови или во непроодните подрачја им се носи со комбиња. Во училиштето се собрани екипи на Црвениот крст и на АРМ кои чекаат насоки за натамошно расчистување на теренот и помош за настраданите граѓани.
На секој чекор во населбата можат да се видат полициски и воени возила, како и возила на Итната медицинска помош, багери и трактори кои помагаат во расчистување на теренот.
Во невремето кое вчера го погоди Скопје и околината животите ги загубија 20 лица, а десетици повредени побараа лекарска помош во скопските клиники.
Најмногу погодени се жителите на Стајковци, Ченто, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети.