Студентите и понатаму ќе користат студентски оброк по старите критериуми

Сподели

 

„Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови, а на нас кои што сме во Владата и пратениците, е тие ставови да ги сослушаме, да ги разговараме со студентите и да се дојде до решение кои што ќе биде на задоволство на сите“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по денешната средба со студентските здруженија на која што присуствуваа и министерот за образование Јетон Шаќири и пратеници од Собранието.

Премиерот Ковачевски посочи дека преку конструктивен дијалог со студентските здруженија, министерството за образование и пратениците се изнајде заедничко решение во однос на студентскиот оброк.
 
„Драго ми е што се изнајде заеднички јазик, на задоволство пред се на студентите во однос на студентскиот оброк. Но се разговараше и за други аспекти на студентскиот стандард пред се во делот на инфраструктурата во студентските домови при што веќе се договоривме со министерот за образование дека и во тој дел ќе бидат направени максимални напори за унапредување на просторот во одредени студентски домови каде што не е на најдобро ниво.

Исто така се согласивме дека во одредени студентски домови веќе се направени позначителни инфраструктурни зафати. Студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, своите ставови. А на нас кои што сме во Владата и пратениците е тие ставови да ги сослушаат, да ги разговараат со студентите и да се дојде до решени кои што ќе биде на задоволство на сите.

Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака бидејќи студентите се тие кои што се наши деца и кои што се иднината на оваа држава, а за која што иднина носиме одлуки да биде европска и да можат да живеат во услови какви што живеат нивните врсници и во Германија и во Австрија и во сите други земји на ЕУ”, рече премиерот Ковачевски.

Во однос условите во студентските домови премиерот Ковачевски потенцираше дека ќе имаат непречено снабдување електрична и топлинска енергија

„Студентските домови најголемиот дел, дури мислам дека и сите се на централното греење во градот Скопје. Ние централно греење во градот Скопје обезбедивме и тоа можат да го потврдат сите граѓани, веќе се набавени и количини на енергенси за до крајот на овој месец. Знаете дека ги набавуваме со термински план кој што е пократкорочен заради движењето на цените на гасот.

А доколку има потреба за догревање тогаш секако дека Министерството за обрзование и наука заедно со Министерството за економија ќе направи така како што направивме и за прехранбената индустрија, како што направивме и за другите витални функции во државата”, рече премиерот Ковачевски.