Од 1 декември (четврток) до 10 декември (сабота) – Кинотеката, во соработка со Амбасадата на Чешката Република – организира голема рертоспектива на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл (Jiří Menzel). Оваа ретроспектива ќе биде отворена со филмот СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (Ostře sledované vlaky / Closely Observed Trains), дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.
До 11 декември, во термините од 20:00 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Јиржи Менцл: СТРИЖЕНО-КОСЕНО (Postřižiny / Cutting It Short), ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА (Skřivánci na niti / Larks on a String), омнибусот БИСЕРИ НА ДНОТО (Perličky na dně / Pearls of the Deep) во кој Менцл е еден од четирите автори, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ (Slavnosti sneženek / Snowdrop Festivаl), СЕЛО МОЕ МАЛО (Vesničko má středisková / My Sweet Little Village), КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА (Konec starých časů / The End of Old Times), ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА (Báječní muži s klikou / Those Wonderful Men with Crank) и САМОТИЈА ВО ШУМАТА (Na samotě u lesa / A Cottage Near the Woods).
„Не можеш, брат, да се бориш против сила што не ја знаеш и не ја гледаш“, велеше Кудуз, главниот лик во истоимениот филм КУДУЗ на Адемир Кеновиќ од 1989 година. А можеш ли, и како, да се бориш бориш против силата што ја гледаш? На пример, ако таа сила најчесто е некој недемократски, тоталитарен режим?
Одговори на ова прашање има многу, но едно од нив има посебен „шмек“: се работи за хуморот во чешка верзија, кој обилно го користеа писателите и режисерите во некогашна Чехословачка во периодот од завршетокот на Втората светска војна па до падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, во чија геополитичка орбита принудно гравитираше оваа земја.
Со должната почит кон дузина автори од чешкиот „нов бран“ – од средината на шеесеттите па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на тој луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони. И тука не се работи само за комунистичкиот режим во Чехословачка. Барем според книгите и филмовите, меѓу кои најпластичен пример е романот „Името на розата“ (1980) на Умберто Еко и истоимената екранизација (1986) во режија на Жан-Жак Ано, смеата била прогонувана уште од најстарите државни уредувања, од античко време па до ден-денес. Затоа кај Еко и Ано се актуелизира случајот со изгубениот спис на Аристотел „За комедијата“ и зошто останал непознат за човештвото: смеата е најголемиот кошмар на тирани(и)те.
Кај Менцл, таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег кој може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција, во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори. Додуша, Хитлер и Сталин веќе имаа мустаќи – па во борбата со првиот јунак од СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ мораше да ја подметне главата – но Менцл им ги „црташе мустаќите“ на нивните наследници…
Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал „неполитички“ филмови, но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија.
Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. По СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал (Bohumil Hrabal), започнала плодната соработка со култниот писател. Меѓу другите наслови, Менцл го сними и филмот МУ СЛУЖЕВ НА АНГЛИСКИОТ КРАЛ, според прозата на Храбал.
Во 1969 го сними филмот ПТИЦА НА ЖИЦА, кој беше забранет до 1990. Таа година филмот беше прикажан на Берлиналето и ја доби наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ, а Менцл рамноправно ја сподели главната награда „Злетна мечка“ со Коста Гаврас (за филмот МУЗИЧКА КУТИЈА).
Во кинематографскиот опус на Менцл се забележани 20-ина наградувани наслови. Менцл по вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година, за филмот СЕЛО МОЕ МАЛО, а во 2003 година ја доби и Наградата за посебен придонес во филмот – на фестивалот во Карлови Вари. Глумел во повеќе од 80 филмови, а познат е и по неговите поставки на театарските сцени во Чешка и светот.
Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2009 г. Јиржи Менцл беше гостин на Кинотеката и беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА (денешен Еуропа прима) во Скопје. Церемонијата се одржа во киносалата на Кинотеката. – Стојан Синадинов
1 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч. СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ
(Ostře sledované vlaky / Closely Observed Trains) Игран филм, Чешка
1966, 92 мин., црно-бел, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Бохумил Храбал и Јиржи Менцел (Bohumil Hrabal, Jirí Menzel)
Улоги: Вацлав Нецкар, Јозеф Шомр, Властимил Бродски, Владимир Валента, Алојз Вачек,
Фердинанд Крута (Václav Neckár, Josef Somr, Vlastimil Brodský, Vladimír Valenta, Alois Vachek, Ferdinand Kruta)
Дејството на овој филм се случува за време на периодот на нацистичката окупација на Чешка. Преку нараторот во филмот, ликот Милош Хрма, на гледачите им се прикажуват приказните за претците на Милош и нивната историја. Антихероизмот и типичниот чешки црн хумор – се поетички доминанти во овој филм. СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ е филм базиран врз истоимената новела на Бохумил Храбал, а ова е дебитански филм на Јиржи Менцел, кој го добил режисерското место дури откако од овој проект се откажале тогаш веќе етаблираните Евалд Шорм и Вера Хитилова. Вредно е да се спомене дека овој филм е добитник и на „Оскарот“ за најдобар странски филм во 1968 година, а во 2005 г. е вброен во 100-те најдобри светски филмови на сите времиња, според изборот на списанието „Тајмс“.
Возрасна категорија: 16 години Влезница: 100 денари
2 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 ч. СТРИЖЕНО-КОСЕНО (Postřižiny / Cutting It Short) Игран филм, Чешка 1981, 93 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Магда Васарјова, Јиржи Шмицер, Јаромир Ханзлик (Magda Vásáryová, Jirí Schmitzer, Jaromír Hanzlík)
Франсин е менаџер на една мала градска пиварница и има шармантна сопруга Мариска, чија руса коса сите ја сметаат за украс на градот. Мариска сака месо и пиво, што е сосема спротивно на аскетскиот живот на Франсин. Еден ден, строгите членови на одборот на директори на пиварницата ќе дојдат да ги ревидираат сметките, но веднаш ќе ја загубат концентрацијата и фокусот кон деталните извештаи на Франсин кога Мариска ќе организира гозба со убивање свињи и умешно ќе му помага на месарот. Се разбира, тие нема да ја одбијат поканата да го дегустираат свежото свинско месо. Но нештата ќе тргнат во погрешна насока кога неговиот брат Пепин, ексцентрик кој е бучен и безобразен, ќе дојде во посета…
Возрасна категорија: 12 години, Влезница: 100 денари
3 ДЕКЕМВРИ (САБОТА) 20:00 ч., ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА (Skřivánci na niti / Larks on a String), Игран филм, Чешка 1969, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Бохумил Храбал и Јиржи Менцел (Bohumil Hrabal, Jirí Menzel)
Улоги: Рудолф Хрушински, Властимил Бродски, Вацлав Нецкар, Јитка Зеленохорска (Rudolf Hrusínský, Vlastimil Brodský, Václav Neckár, Jitka Zelenohorská)
Филмот ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА е снимен во 1969 година според расказите од новелата „Реклама за куќата во која повеќе не сакам да живеам“ на Бохумил Храбал. Дваесет долги години филмот останал неприкажан поради цензурата од страна на комунистичкиот режим, кој сметал дека филмот ја исмева апсурдната реалност на чешкото општество во 1950-ите. Дејствието на овој сатиричен филм се одвива на отпадот од челичарниците во градот Кладно, што служеле како работен логор за оние кои комунистичкото општество ги отфрлило. На отпадот живеат и се движат ликовите во овој филм: еден обвинител кој не сака да сфати дека законот вели дека треба да се биде подреден на политичките цели на тоталитарната моќ, еден млекар кој доброволно ја затворил млекарата со цел да му служи на комунизмот, еден адвентист кој одбива да оди на работа во сабота, еден филозоф кој нема намера да се откаже од своите сфаќања, еден саксофонист чиј инструмент се смета за буржоаска реликвија и еден бербер.
Секој лик е бележан со трагична човечка судбина, но преку раскажувачката перспектива на Бохумил Храбал и режисерското мајсторство на Менцел, гледачите се соживуваат со овие ликови, кои единствено бараат разбирање и надеж – сред една безизлезна ситуација.
Забранетиот филм ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА, премиерно бил прикажан дури дваесет и една година подоцна, а на 40-тото издание на Берлинале во 1990 година, ја добива главната награда „Златна мечка“.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
4 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА) 20:00 ч. БИСЕРИ НА ДНОТО, (Perličky na dně / Pearls of the Deep) Игран филм, Чешка 1965, 105 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Вера Хитилова, Јаромил Јирес, Јиржи Менцел, Евалд Шорм (Vera Chytilová, Jaromil Jires, Jirí Menzel, Jan Nemec, Evald Schorm)
Сценарио: Бохумил Храбал, Вера Хитилова, Јаромил Јирес, Јиржи Менцел, Евалд Шорм (Bohumil Hrabal, Vera Chytilová, Jaromil Jires, Jirí Menzel, Jan Nemec, Evald Schorm)
Улоги: Павла Марсалкова, Фердинанд Крута, Франтишек Хавел, Јозефа Пехлатова, Вацлав Зак, Вера Мраскова, Владимир Боудник, Дана Валтова, Иван Вискоцил (Pavla Marsálková, Ferdinand Kruta, Frantisek Havel, Josefa Pechlatová, Václav Zák, Vera Mrázkova, Vladimír Boudník, Dana Valtová, Ivan Vyskocil)
Во омнибусот БИСЕРИ НА ДНОТО, со свои кусометражни филмови се промовираа тогаш младите, но денес едни од најзначајните преставници на новиот чешки филмски бран. Омнибусот содржи пет филмови (СВЕТ-АВТОМАТ на Вера Хитилова, РОМАНСА на Јаромил Јиреш, СМРТТА НА ГОСПОДИН БАЛТАЗАР на Јиржи Менцел, ИЗМАМНИЦИ на Јан Њемец и ДОМ НА РАДОСТА на Евалд Шорм). Како книжевна основа за секоја од епизодите послужил по еден расказ од истоимената збирка раскази на Бохумил Храбал. Директорот на фотографија на сите епизоди од омнибусот, Јарослав Кучера, е еден од најбараните и најценети сниматели во 1960-ите и 1970-ите години во чешката кинематографија.
Филмот е добитник на главната награда од жирито на фестивалот во Локарно, Швајцарија, а исто така бил прикажан и во рамките на познатиот фестивал на кратки филмови „Оберхаузен“.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
5 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч. СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ (Slavnosti sneženek / Snowdrop Festivаl) Игран филм, Чешка 1984, 83 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Бохумил Храбал и Јиржи Менцел (Bohumil Hrabal, Jirí Menzel)
Улоги: Рудолф Хрушински, Јаромир Ханзлик, Јосеф Сомр, Петер Чепек (Rudolf Hrusínský, Jaromír Hanzlík, Josef Somr, Petr Cepek)
СНЕЖЕН ФЕСТИВАЛ е филм базиран на расказ на Бохумил Храбал, во наративна форма на филмски мозаик од кратки епизоди и слики. Оваа филмска приказна ги опишува тагата и среќата на жителите на Керско (Керско е мала шумска област полна со викенд населби). Жителите на ова место се едноставни и чувствителни луѓе, кои имаат чудни лични задоволства (таков, на пример, е Лели кој е собирач на евтини, но неупотребливи работи), а заедничко задоволство на сите е ловот.
Честопати се споменува дека импресиите на публиката кон овој филм на Менцел се екстремни, или, поточно – се вели дека овој филм или го сакаш или го мразиш, но во секој случај, јасно е дека филмот потикнува директна и искрена реакција – токму заради сентименталната лирика и грубиот хумор од меѓучовечките релации на овие ексцентрични ликови.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
6 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч. СЕЛО МОЕ МАЛО (Vesničko má středisková / My Sweet Little Village). Игран филм, Чешка. 1985, 98 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Зденек Сверак (Zdenek Sverák)
Улоги: Јанош Бан, Маријан Лабуда, Рудолф Хрушински, Петер Чепек (János Bán, Marián Labuda, Rudolf Hrusínský, Petr Cepek)
Комедија за луѓето во еден мало место во Чешка. Главните ликови во филмот се Павел и Отик, пар пријатели претставени во манир на најдобриот класичен бурлеска-пар: Станлио и Олио. Нивните меѓуодноси, како и нивните релации со останатите жители на малото место, се срцето на оваа комедија, која својата инспирација ја црпи во изобилството на секојдневните ситници и ситуации.
СЕЛО МОЕ МАЛО во 1987 бил номиниран за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, додека, пак, на филмскиот фестивал во Монтреал ја освоил специјалната награда од жирито. Исто така, унгарскиот актер Јанош Бан ја освоил наградата за најдобар актер на Парискиот филмски фестивал.
Возрасна категорија: 12 години, Влезница: 100 денари
7 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА) 20:00 ч. КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА (Konec starých časů / The End of Old Times) Игран филм, Чешк 1989, 97 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Јиржи Блажек, Јиржи Менцел (Jiří Blažek, Jiří Menzel)
Улоги: Јозеф Абрхам, Маријан Лабуда, Јаромир Ханзлик, Рудолф Хрушински (Josef Abrhám, Marián Labuda, Jaromír Hanzlík, Rudolf Hrušínský)
КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА е комична приказна чие дејствие нѐ води низ првите години во создавањето на независната република Чешка. Во тоа време, новите сопственици на благородничките имоти биле богати луѓе кои, иако имале пари, го немале благородништвото на старите господари, вистинските сопственици на замоците. Новоформираното Нардно собрание ќе го избере Стокласа за управител на замокот Краточвиле. Предводен од амбицијата да го откупи замокот, тој ќе се обиде да ги импресионира соѓраѓаните, политичарите и соседите и ќе организира голем лов, на кој непоканет ќе дојде и за нив непознатиот кнез Алексеј Мегалрогов. Шармот на благородникот ќе го освои целото општество, но не и Стокласа, кој верува дека тој е измамник.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
9 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 ч. ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА
(Báječní muži s klikou / Those Wonderful Men with Crank) Игран филм, Чешка 1979, 90 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Јиржи Менцел, Олдрих Влацек (Jirí Menzel, Oldrich Vlаcek)
Улоги: Рудолф Хрушински, Власта Фабијанова, Блажена Холисова, Владимир Менсик (Rudolf Hrusínský, Vlasta Fabiánová, Blazena Holisová, Vladimír Mensík)
Враќајќи се дома во Прага, магионичарот Паспарте, сопственик на циркуски караван – ќе го затекне својот дамнешен колега на смртна постела, кој ќе му ја довери неговата прекрасна ќерка Елоиза. Во Прага – тој, Елоиза и неговиот караван ќе се сместат во локалот наречен „Сината риба“, местото каде ќе треба да ги организираат нивните претстави. Сопственичка на ова место е вдовицата Евзени, со која Паспарте ќе започне да ги дели и дејноста и домот. Евзени ќе биде љубоморна на Елоиза, па затоа Паспарте ќе ја испрати да биде домарка кај фотографот Јакуб Коленати. Паспарте ќе сака да го основа првото постојано чешко кино во Прага, во кое ќе бидат проектирани оригинални чешки филмови.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
10 ДЕКЕМВРИ (САБОТА) 20:00 ч. САМОТИЈА ВО ШУМАТА (Na samotě u lesa / A Cottage Near the Woods) Игран филм, Чешка 1976, 74 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Зденек Сверак, Ладислав Смолјак (Zdenek Sverák, Ladislav Smoljak)
Улоги: Јосеф Кемр, Зденек Сверак, Даниела Коларова (Josef Kemr, Zdenek Sverák, Daniela Kolárová)
Филмската приказна САМОТИЈА ВО ШУМАТА е многу едноставна – едно чешко градско семејство од 1970-ите оди на село, на краток одмор. Но, по престојот тие ќе сакаат и да ја купат викендицата во која престојуваа – од сопственичката, старицата Комарек, која воопшто не е расположена за тоа. Оваа брилијантна комедија на Менцел е дефинитивно еден од оние филмови кои во голема мера се потпираат на разбирањето на гледачот за поширокиот културен контекст – но, филмот е интересен не само благодарение на одличните хумористични дијалози и интеракцијата помеѓу ликовите, туку и поради едноставната комична филмска приказна.
Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 100 денари
11 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА) 20:00 ч. НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО (Rozmarné léto / Capricious Summer) Игран филм, Чешка 1968, 74 мин., колор, ДЦП Режија: Јиржи Менцел (Jirí Menzel)
Сценарио: Владислав Ванкура, Вацлав Нивлт, Јиржи Менцел (Vladislav Vancura, Václav Nývlt, Jirí Menzel)
Улоги: Рудолф Хрушински, Властимил Бродски, Франтишек Рехак, Мила Мисликова (Rudolf Hrusínský, Vlastimil Brodský, Frantisek Rehák, Míla Myslíková)
Како книжевна предлошка на овој филм, Менцел го користи истоимениот роман на Владислав Ванкура, чешки пистател кој во 1920-тите години бил дел од марксистичкото аванградно движење „Девештил“, кое се залагало за политичка револуција во уметноста.
Наспроти тоа, филмот НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО се смета за еден од најмалку контроверзните филмови на Новиот чешки бран, кој воедно нуди една ведра и интересна приказна.
Во таква атмосфера нѐ фрла и самиот почеток на овој филм каде главниот лик, средовечниот Антонин, сопственик на бања, зедно со неговите пријатели –- пензионираниот мајор и канонот – пливаат и филозофираат во едно малечко езерце, пиејќи вино и пушејќи цигари. Претставувајќи ги стопанството, религијата и војската, овие тројца мажи се еден вид филозофски антиподи кои водат дебати за верата, трговијата и војната.
Одеднаш зпочнува да врне и летото веднаш станува непредвидливо, што воедно е и предвесник на доаѓањето на магионичарот-циркузант Ерни и неговата прескасна помошничка Ана кои ќе ги поканат на нивниот настап…
Филмот НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО е добитник на наградата „Гран-при“ Карлови Вари во 1968 година.
Возрасна категорија: 16 години, Влезница: 100 денари
(преземено од Кинотека)