Зеленски се сретна со Бајден во Вашингтон

Сподели

 

Зеленски вчера допатува во Вашингтон и имаше средба со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа и се обрати во Конгресот.

 

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој за првпат од почетокот на руската инвазија ја напушти земјата и отпатува во САД, на пратениците во Конгресот во Вашингтон им порача дека наспроти сите шанси, Украина сè уште се држи и им се заблагодари на Американците бидејќи финансиски ги помагаат украинските воени напори. 

 

 

Тој во неговиот говор од говорницата на Претставничкиот дом ги повика сите Американци да продолжат да ја поддржуваат неговата земја. Украина може да победи во војната против подобро вооружената руска армија, но дека американската воена и финансиска помош е „клучна“ за постигнување конечна победа.

Претходно во Белата куќа, Бајден му кажа на Зеленски дека САД ќе бидат со Украина колку што е потребно.

 

 

САД не само што ќе ѝ дадат противвоздушен одбранбен систем туку и итна хуманитарна помош преку агенцијата УСАИД во вредност од 374 милиони долари.

„Никогаш нема да бидете сами“, рече Бајден и го потврди новиот пакет воена помош од 1,8 милијарди долари, кој првпат вклучува и напреден противвоздушен систем „Патриот“.

 

 

Зеленски изрази надеж дека Конгресот ќе го усвои законот за дополнителна помош од 45 милијарди долари следната година, иако Републиканците, кои сега имаат мнозинство во Претставничкиот дом, предупредија дека нема да напишат бланко чек за Украина.

„Американската помош не е милостина. Тоа е инвестиција во глобалната безбедност“, рече Зеленски.