Вечерва започнува 22. Сараевски филмски фестивал

Сподели

thumbs_b_c_55ffde3a2d3827126115c9eb668720b1

САРАЕВО (АА) – Со проекцијата на филмот „Таксист“ на американскиот режисер Мартин Скорсезе, истовремено во Народниот театар и во Летното кино во Сараево, вечерва во главниот град на Босна и Херцеговина ќе биде отворено овогодишното издание на најголемиот регионален филмски фестивал – 22. Сараевски филмски фестивал (СФФ), јавува Anadolu Agency (AA).

Селекторот на натпреварувачката програма за игран и краток филм, Елма Татарагиќ, изјави дека „атмосферата е одлична, но исклучително активна и целиот тим работи без пауза“.

„Сѐ е подготвено за 22. Сараевски филмски фестивал. Атмосферата е одлична, но многу активна и целиот тим работи без пауза“, вели Татарагиќ за АА.

Се очекува на црвениот тепих во центарот на градот да продефилираат десетици уметници и филмски работници, меѓу кои и американскиот актер, режисер и продуцент Роберт де Ниро, кому вечерва, пред околу 3.000 љубители на филмот ќе му биде доделена наградата „Почесно срце на Сараево“ за животно дело за исклучителен придонес во филмската уметност.

„Тоа е сериозна работа и процес во кој нашиот оддел за меѓународни односи е вклучен речиси десет години. Но, многу сме почестени и среќни што Роберт де Ниро ќе биде почесен гостин на овогодишниот фестивал. Тоа е голема работа, дури и за многу поголеми фестивали од Сараево“, рече Татарагиќ.

СФФ годинава на публиката, на седум различни локации ќе ѝ претстави повеќе од 220 филмови, од кои дури 53 ќе имаат своја светска премиера.

Во рамките на програмата ќе бидат прикажани десет играни филмови, за љубителите на документарниот филм СФФ ќе понуди 29 проекции, а во текот на осумдневниот фестивал ќе бидат прикажани 16 кратки филмови и два анимирани филма.

„Во фокусот на фестивалот е регионалната кинематографија и, секако, ја препорачуваме натпреварувачката програма. Се разбира, тука се и некои филмови во другите програми кои би ги издвоила. Да кажеме, филмот „Јас, Даниел Блејк“ е филм којшто го прикажуваме како дел од програмата „Опен ер“ (на отворено), а тој освои Златна палма на овогодишниот Кански фестивал. Во натпреварувачката програма секако ги препорачувам светските премиери, австрискиот филм „Следбеници“ и црногорскиот филм „Игла под прагот“, вели Татарагиќ.

Покрај наградата „Почесно срце на Сараево“, ќе биде доделена и наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар игран филм, специјалната награда на жирито „Срцето на Сараево“ за најдобар актер, „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка, „Срцето на Сараево“ за најдобар краток филм, „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм и специјалната награда на жирито за натпреварувачката програма – документарен филм.

Татарагиќ потсети дека филмовите се општествено популарни, но со различни жанрови и стилови.

„Исто така, во индустрискиот сегмент на фестивалот го воведуваме и проектот „ЦинеЛинк драма“ (CineLink Drama), кој се фокусира на телевизиската продукција на играни серии. Мислам дека публиката, но и филмските професионалци ќе бидат исклучително задоволни“, оптимистички вели Татарагиќ.

Бидејќи главниот град на БиХ особено заживува за време на фестивалските денови, и оваа година многу угостителски и други објекти што се наоѓаат во старото јадро на градот ќе работат до доцна во ноќта, до 20 август, кога фестивалот ќе биде затворен.

Првиот СФФ се одржа во 1995 година, а во годините што следеа ја понесе титулата на престижен меѓународен фестивал и најголем филмски фестивал во регионот.

Познатите актери Џон Малкович, Жерар Депардје, Кевин Спејси, Мики Рурк, Морган Фримен, Анџелина Џоли, Бред Пит, Гаел Гарсија Бернал, Бенисио дел Торо, се само некои од многуте познати светски ѕвезди кои во изминатите две децении во рамките на СФФ го посетија Сараево.