Почина македонскиот композитор и автор на филмска музика, Љубомир Бранѓолица.
Љубомир Бранѓолица е уникатна појава во македонската музичка култура, а преку своите дела остави значаен белег во македонската музика. Неговиот творечки опус брои над 450 композиции – солистички, камерни, симфониски, балети, мјузикли, филмска музика итн.
Љубомир Бранѓолица е роден на 19 август 1932 година во Херцег Нови, Црна Гора, а потекнува од музичко семејство. Средното музичко образование го завршува во Риека каде што е еден од најдобрите ученици. Во 1950 започнува да работи во Салонскиот оркестар при Домот на ЈНА во Белград. Со овој оркестар, тој ја изведе својата прва композиција „Интермецо“ за соло пијано и симфониски оркестар. Од 1954 работи во домовите на ЈНА во Куманово и во Скопје. Во 1955 ја доби наградата на Југословенската радиодифузија за делото „ Современа рапсодија “. На 15.7.1956 година делото беше изведено во стариот Македонски театар под диригенство на Тодор Скаловски и пијано партија – Ладислав Палфи. Од 1957 година е корепетитор во Балетот при Македонскиот народен театар. Во 1959 се изведува премирата на неговиот прв балет „Велеградски варијации“. Започнува да компонира и театарска музика, повеќе во вид на мјузикли: „Џумбуш“, „Шекспирови приказни“, „Крал гол“, „Солунски патрдии“. Подоцна добива статус на слободен уметник. Во 1967/8 година се вработува во Македонската радио-телевизија како продуцент, музички работник и уредник на Музичката програма на Македонската телевизија каде што работи сѐ до пензионирањето.
Бранѓолица е автор кој според опусот на создадени дела се вбројува меѓу најплодните автори на македонската музичка сцена. Исто така, Бранѓолица е и најплоден автор на балетска музика кај нас. Тој е творец кој се јавува во речиси сите музички жанрови.
Во историјата на македонската музика, Љубомир Бранѓолица ќе биде запаметен и како македонскиот Гершвин.