Спасовски: Годинава досега за 11% намален криминалитетот, за 4% зголемена ефикасноста

Сподели

 

Во утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето како Министерството се справува со криминалот кај нас, потенцираше дека тоа е основата на работењето на Министерството за внатрешни работи во однос на секој предизвик од безбедносната сфера.

„Во тој дел имаме поставено стратешки приоритети по кои што работиме и сакаме да ги реализираме. Ако погледнеме низ годините наназад, а  статистиката е мерило за тоа што се работело, ќе видите дека во најголем процент од тоа што сме го поставиле како наша стратешка цел е реализирано, поради тоа што од година во година имаме сериозно намалување на криминалитетот и зголемување на ефикасноста на полицијата. Тоа е клучното мерило во успехот. За овие 8 месеци од 2023 година скоро 11% е намален криминалитетот од минатата година, за истиот период, и има зголемување за 4% на ефикасноста. Така што, минатата година беа најдобрите резултати од 1990 година до денеска, а тенденцијата во оваа година покажува дека ќе бидат уште подобри. Тоа е мотивацијата која што ја имаме. Секако дека секоја добронамерна критика, укажување итн., посебно од нашите стратешки партнери заради тоа што ние со нив работиме, ги градиме капацитетите – дали се тоа капацитети човечки или во однос на материјално-техничките ресурси – за нас се добредојдени. Тоа се приоритети кои што практично се заеднички со стратешките партнери, така што во секој поглед се работи и мислам дека многу повеќе треба да работиме не само на активно преземање мерки за сузбивање на одреден тип на криминал, отстранување на одреден безбедносен предизвик, туку и на јакнењето на јавната свест, на менувањето на перцепцијата, тоа клучната работа за нас“, истакна министерот Спасовски.