Собранието го одбележува Светскиот Ден на детето

Сподели

 

По повод Светскиот ден на детето, во понеделник на 20 ноември, УНИЦЕФ и Собранието на Република Северна Македонија ќе организираат настан насловен како, „Децата го преземаат Собранието“.

Целта на настанот, кој ќе им даде простор на децата и младите да ги споделат своите гледишта, е пратениците одблизу да слушнат за напредокот поврзан со нивните права. Децата и младите пред народните избраници ќе ги претстават нивните најгорливи прашања, потреби и загрижености.

По обраќањето на претседателот на Собранието Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, предвидено е децата да ја преземат собраниската седница, на која ќе се говори на теми коишто децата ги одбраа како најважни. Меѓу нив се прашањата за квалитетно образование, учество во донесувањето одлуки што го засегаат  нивниот живот и состојбата со менталното здравје.

„Децата го преземаат Собранието“ претставува можност да се зборува и за некои од препораките од последните Заклучни согледувања на Комитетот за правата на децата.

Оваа година земјата одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ.

Светскиот ден на детето е ден за акција од децата за децата на глобално ниво, што се одржува секоја година на 20 ноември, на годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата.