Пред Основниот суд Скопје 1, Здружението на новинари на Македонија ќе протестира на 1 септември, за кога е закажано првото рочиште на новинарот Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“.
„На 22 август, управниот одбор на ЗНМ усвои одлука на 1 септември да организира протест пред Основниот суд во Скопје, кога се очекува да се одржува првото судско рочиште од судењето на новинарот Зоран Божиновски“, напиша претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на својот фејсбук-профил.
Тој информираше дека и Меѓународната федерација на новинари со писмо упатено до претседателот и до јавниот обвинител, повика на итно и безусловно ослободување на Зоран Божиновски.
„Поддршка за Божиновски ЗНМ има побарано и од други меѓународни и европски организации и институции. Ако некој мисли дека во Македонија ќе биде осуден новинар со затворска казна, а домашната и европската јавност нема да бидат запознаени, се лаже. Тоа ќе биде дежурна тема што нема да може да ја избегне која било власт!“, пишува Селмани.
Тој побара од обвинителските и од судските органи во случајот на Божиновски да се однесуваат професионално.
„Ги потсетувам судиите и обвинителите дека Македонија е единствена земја во Европа по Турција, каде има новинари во затвор! Македонските судови имаат обврска да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој казната затвор за новинар ја смета за неоправдана освен ако станува збор за дела поврзани со тероризам или говор на омраза. Божиновски не е обвинет ни за тероризам, ниту за говор на омраза! Затоа нема никаква причина тој уште да биде во притвор“, вели Селмани.
Предметот за Божиновски остана во надлежност на Јавното обвинителството иако предметот „Шпион“ е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. На рочиштето се очекува да се појават обвинители од двете обвинителства.