Денеска почнува расправата по новиот ребаланс на буџетот за 2016 година, во собраниската комисија за финансирање и буџет. Со ребаланост се бараат дополнителни 36,4 милиони евра кои треба да се искористат за санирање на штетите во поплавените подрачја.
Со новиот ребаланс на буџетот, дефицитот ќе се зголеми од 3,6 на 4 проценти од домашниот бруто-производ (БДП). Приходите остануваат непроменети, на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите се зголемуваат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари.
Вчера Собранието ги усвои промените во Законот за буџет кои предвидуваат Владата во време на непогоди да одлучува за прераспределба на пет проценти од буџетот, без одобрение од Собранието, односно без да се прави ребаланс.