Рускиот претседател Владимир Путин ќе има серија билатерални средби со претставниците на европски и други држави на маргините на самитот Г20 во кинескиот град Хангзоу.
Советникот на Кремљ, Јури Ушаков денеска соопшти дека Путин ќе одржи состанок со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 3 септември, како дел од „процесот за нормализација на односите меѓу двете земји кој е во тек“.
Русија воведе санкции кон Турција откако турските воздухопловни сили во ноември 2015 година соборија руски воен авион во Сирија, во близина на турската граница.
Во меѓувреме, претседателите на двете земји се заложија за нов период на блиски односи, по средбата во Санкт Петербург.
Ушков исто така рече дека Путин на 4 септември ќе ја разгледа потребата за „ново поттикнување на билатералните односи“ со британската премиерка Тереза Меј и оти за сириската криза ќе разговара со саудискиот принц Мухамед бил Салман.
На самитот требаше да се одржи и трилатерална средба на Русија, Франција и Германија, посветена на украинската криза, но таа е откажана поради зголемените тензии на полуостровот Крим. Наместо тоа, Путин ќе има одвоени средби со францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел.