Егзекутиран е севернокорејскиот вицепремиер Ким Џонг-џин, одговорен за образованието, затоа што покажал непочитување, односно заспал за време на состанок со кој претседавал Ким Џонг Ун, објавија властите во Сеул.
„Ким Џонг -џин е осуден затоа што заземал лоша поза додека седел пред говорницата на седница на севернокорејскиот парламент, поради што е покрената истрага, во која се откриени и други кривични дела“, се наведува во соопштението за јавноста, пренесува Танјуг. Во соопштението се наведува дека вицепремиерот „го предизвикал гневот на претседателот Ким затоа што задремал за време на состанок, поради што е уапсен на самото место и приведен на интензивно испитување во Министерството за државна безбедност.
– Ким е стрелан како антипартиски и антиреволуционерен агитатор, изјави неименуван функционер на Министерството.
Освен тоа, двајца високи државни функционери добиле укори.
Според јужнокорејското Министерство за национално обединување Ким Јон-чол, кој го предводи севернокорејскиот оддел на Обединетиот фронт, одговорен за меѓукорејските односи, бил „подложен на револуционерни мерки“, додаваат британските медиуми.
Американските медиуми пренесуваат дека двајцата високи функционери се испратени во земјоделски реони „на превоспитување“.
Откако на крајот на 2011 година на должност го наследи својот татко, Ким Јонг-ун погуби и смени голем број режимски функционери.