Ад хок телото за следење на медиумското претставување денеска со консензус го прифати предлогот на политичките партии за петти член во телото да се избере Љуљзим Хазири.
– Денеска официјално беше комплетирано привременото тело за следење на изборите, во тие сто дена пред избори. Имаме неколку принципи од кои нема да се отстапи. Тоа е, пред сè, слобода на изразување, слобода на медиуми, никаква цензура и, се разбира, почитување на сите правила за сите еднакво – изјави Слаѓана Димишкова, член на Комисијата.
Долгогодишниот новинар и НВО активист Хазири изјави дека неговата кандидатура, која беше покрената во текот на вчерашниот ден, била веројатно единственото решение за кое партиите можеле да се согласат.
– Мислам дека со моето присуство и со мојата независност ќе бидам репер на добра соработка и изнаоѓање решенија. Сметам дека состојбата со медиумите не бара 100 дена, туку подолг временски период за да се добие една оптимална ситуација, изјави Хазири.